На полноќ истекува рокот за поднесување на пратенички листи

by Фокус

Политичките партии кои планираат да учествуваат на парламентарните избори закажни за 5-ти јуни вечерва до полноќ мора да ги поднесат листите со кандидати за пратеници, предвидува роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека досега не пристигнала ниту една пратеничка листа, што е очекувано со оглед дека политичките партии ќе тактизираат до последен момент, зависно од тоа дали преговорите со посредство на амбасадорите на ЕУ и САД ќе резултираат со договор меѓу двете страни.

Доколку нема никакво поместување, тогаш можно е само ВМРО-ДПМНЕ со уште неколку помали партии да поднесе листи, ако се има во предвид дека албанските ДУИ и ДПА најавија дека нема да одат на избори без опозиција, а безмалку целокупната опозиција на чело со СДСМ ќе ги бојкотира изборите без целосно спроведување на договорот од Пржино.

Инаку, откако Комисијата ќе ги добие листите, има 48 часа за да утврди дали е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, додека евентуалните недостатоци подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.

Поврзани новости