Откако од Агенцијата за одземен имот открија дека нов сопственик на трите конфискувани станови на Сашо Мијалков на Водно, е неговиот син, ,,Фокус” побара податок и кој го купи плацот на екс директорот на УБК на Кожуф, кој беше продаден уште пред неколку месеци.
Од Агенцијата добивме одговор дека новиот газда на имотот е физичко лице, односно скопјанецот Бранислав Пејовиќ. Според податоците од Централен регистар, лице со исто име и презиме е сопственик на фирмата Аналитика ДООЕЛ, но ниту фирмата, ниту лицето, не се поврзува со семејството Мијалкови.
Плацот кај местото Џибарица на Кожуф од 322 метри квадратни беше проценет на почетна сума од 483 евра, или 1,5 евро за квадрат. Или што би рекол братучедот на Мијалков, Никола Груевски, за џабалк.
Истиот пак беше продаден за цена од 2.500 евра.
Целиот одземен имот на Мијалков со пресудата за ,,Империја” од Бирото за судски вештачења е проценет на 21,4 милиони евра. На списокот се 23 станови, два апартмана во Панорама Резиденс и неколку градежни парцели.
Вчера објавивме дека фирмата на Јордан Мијалков, Бест веј инвесмент, ги купи трите луксузни стана на Водно. За нив платил вкупна сума од 332.276 евра.
Овие станови се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Мијалков, која, исто така, беше конфискувана, но тој си ја врати тапијата откако за неа уплати еден милион евра.
Гледајќи ја сумата што легна на државната сметка, пак, може да се заклучи дека продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани.
Па така, двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра.
Тие што учествувале на аукцијата, морале да наддаваат, односно не може да се оди под цената што ја одредила Бирото за судски вештачења.
Нашата пресметка покажува дека имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе.
Па, од тука се и забелешките дека апартманите се проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација е до вртоглави 3.000 евра за квадрат.
Како што веќе неодамна објавивме, еден од становите на Мијалков, лоциран во Горица, Охрид го купи Беким Земоски од Охрид.
Станот кој го купи бизнисменот е со квадратура од 114 метри квадратни и е сместен во елитниот комплекс на една од плажите „Горица“ во Охрид.
Сумата која ја уплатил новиот сопственик на станот на сметка на државата е 146.400 евра, или по 1.300 евра за квадрат.
Валентина Вурмо