,,ФОКУС ДОЗНАВА”: Бизнисменот Беким Земоски купил еден од конфискуваните станови на Мијалков во Охрид

by fokus

Во септември годинава Агенцијата за управување со одземен имот продаде два стана на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, кои беа конфискувани во предметот ,,Империја”. Новите сопственици се чуваа како тајна, но ,,Фокус”, дозна во чии раце завршил еден од становите во Горица, Охрид. Деновиве е направена промена на сопственоста на станот во Катастар, па наместо Република Северна Македонија, сега го пишува името на Беким Земоски од Охрид.

Со мало пребарување се доаѓа до податоци од комерцијални текстови дека Земоски е успешен бизнисмен, односно е сопственик на консалтинг компанијата Де-Инвест, која уште од 2007 година соработува со голем број реномирани интернационални клиенти ексклузивно застапувајќи ги во настапот на меѓународни пазари.

Во дел од новинарските написи се наведува дека Де-Инвест е меѓу компаниите кои интензивно работат на привлекување на странски инвестиции и партнери кои би инвестирале во Македонија. Компанијата пред две години најави и конкретни инвестиции во земјата во партнерство со интернационални компании во делот на енергетиката.

Покрај успешното претприемништво, тој во минатото бил и политички активен. До 2005 година, работел како советник во Владата на тогашниот премиер на Република Македонија, Владо Бучковски.

,,Земоски е директно одговорен за поддршка на кандидатскиот статус на земјата во ЕУ, координација на меѓународни проекти, како и за односите со повеќе германски компании и институции”, пишува во написите.

Неговото име се споменуваше и во аферата ,,Маџар Телеком”, но тој ги демантираше обвинувањата.

Поточно, поранешниот разузнувач Слободан Богоески, обвини дека Земоски е лицето кое ги трансферирало парите во скандалот со „Маѓар телеком“. Бизнисменот пак се закани со тужба за клевета.

„Изјавата при сведочењето на Слободан Богоески за њујрошкиот суд дека јас Беким Земоски сум бил посредник, околу наводното мито во врска со аферата со „Маџар Телеком“ е злонамерна и тендециозна, со цел да наштети на мојот углед и интегритет. Со оглед на тоа дека станува збор на лажна, злосторничка и клеветничка изјава дадена под заклетва и под морална и кривична одговорност, јас ќе ги преземам сите законски мерки, лицето Слободан Богоески да одговара за клевета и лажна изјава дадена пред судски органи“, изјавил Земоски во 2015 година.

Станот кој го купи бизнисменот е со квадратура од 114 метри квадратни и е сместен во елитниот комплекс на една од плажите „Горица“ во Охрид.

Сумата која ја уплатил новиот сопственик на станот на сметка на државата е 146.400 евра, или по 1.300 евра за квадрат.

,,Фокус” го побара Земоски во неговата фирма, но од таму ни посочија дека не можат да не поврзат, туку тие ќе ни одговорат на прашањето.

– Во моментот не можеме да ја потврдиме информацијата. Стрпете се уште малку па ќе одговориме на прашањето, ни посочија од фирмата.

Валентина Вурмо

Поврзани новости