Скопјанец ја запалил жива својата поранешна сопруга

by fokus

Поднесена е кривична пријава против 35-годишниот скопјанец А.И.  кој ја запали својата поранешна сопруга 32-годишната Р.И. на 3-ти август. Скопјанецот е осомничен за кривично дело „убиство“.

А.И. пред три дена беше уапсен од страна на полициски службеници од Единицата – Алфа. Во извршениот разговор со него, признал дека го извршил делото.

Според Министерството за внатрешни работи осомничениот ја намамил Р.И. во селото Љуботен, каде ја полил со бензин пред детето со кое била жртвата, а потоа и ја запалил.

„На 03.08.2017 година околу 20.30 часот, А.И. се сретнал со неговата поранешна сопруга Р.И. од Скопје. Тие разговарале кратко и потоа се разделиле. После тоа пријавениот отишол на бензиска пумпа и купил бензин, кој го наточил во пластично шише од литар и половина. По кратко време поранешните сопружници повторно се сретнале на ул. „Цветан Димов“. Р.И. го чекала со дете и заедно со такси возило заминале во с.Љуботен кон куќата на лицето Ф.С. (37) од Скопје“, соопштуваат од МВР.

Откако не можеле да ја најдат куќата побарале помош ос селаните, по што 22-годишниот М.К. ги однел до таму.

„Пријавениот забележал дека во куќата нема никој и се преправал дека ѕвони и разговара со сопственикот Ф.С. од својот мобилен телефон, со намера да го прелаже М.К. дека сопственикот на куќата за кратко ќе пристигне. М.К. заминал и по кратко време добил повик од Ф.С. при што заклучил дека тој и А.И. не разговарале.  Се вратил во куќата и ги забележал А.И. и Р.И. како разговараат, а до нив имало запален оган. Во тој момент пријавениот му се развикал на М.К. и тој заминал. Набргу потоа, пријавениот со шишето бензин ја посипал Р.И. и со запалка ја запалил. Таа починала веднаш, а тој со детето побегнал од местото на настанот. По патот запрел едно возило кое ги однело до населба Чаир“, додаваат од МВР.

Во меѓувреме, селаните забележале оган кој зафатил мала површина од нива. Кога пристигнале да го локализираат пожарот забележале јагленисан човечки труп и пријавиле во СВР Скопје.

Поврзани новости