На Груевски и Заев ќе им се суди во ист ден

by fokus 13:35
13:35

Поранешниот и сегашниот премиер ќе се појават на суд во ист ден на 20-ти ноември за кога се одложени предметите во кои се јавуваат како обвинети.

Екс премиерот, Никола Груевски, е првообвинет во предметот на Специјалното јавно обвинителство за настаните во Општина Центар во 2013 година. Организирани од ВМРО-ДПМНЕ, протестите ескалираа со насилство во Општината, демолирање на бараката и закани кон советниците. Од „бомбите“ се слушна дека, наводно, Груевски нарачувал шамари од демонтрантите за градоначалникот, Андреј Жерновски. Бомбите ќе се користат во судската постапка како докази.

Денешното судење за овој предмет беше одложено затоа што еден од обвинетите беше неоправдано отсутен. Специјалните јавни обвинители побараа за следното рочиште негово стражарно приведување.

- Advertising -

Сегашниот премиер, Зоран Заев, кој го наследи Груевски пак, е првообвинет во предметот на Јавното обвинителство под името „Поткуп“. Според Обвинителството, Заев, во својство на службено лице градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов наводно побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Според обвинението, една половина од партите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.

Вчерашното судење за „Поткуп“ беше одложено затоа што судијката Дијана Груевска Илиевска била на боледување. Видео снимката од разговорот меѓу Заев и Николов, објавена на YouTube, а обезбедена преку ПИ мерки, исто така ќе се користи во предметот како доказ.

Поврзани новости