Со новите предлози на Владата кои се однесуваат на Законот за плати на јавни обвинители власта практично ја нарушува автономијата на Специјалното јавно обвинителство. Имено, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за плати на јавни обвинители, во членот 6-б, кој ги регулира додатоците на јавните обвинители, во став 4 е предвидено:
„ (4) Додатоците од ставот (1) на овој член, нивната висина и начинот на утврдување за Јавното обвинителство на Република Македонија, вишите јавни обвинителства, основните јавни обвинителства, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, се уредуваат со акт на Јавниот обвинител на Република Македонија, по претходна согласност од министерот за финансии.“
Ова значи дека државниот обвинител Марко Зврлевски, во координација со Зоран Ставревски, ќе биде надлежен за додатоците на специјалните обвинители, што директно се судира со Законот за Спцијалното обвинителство.
Со Законот за Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, предвидено е начело на автономија на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство – Катица Јанева, што во себе подразбира дека самостојно раководи со обвинителството и има целосна автономија во истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и исклучено е секакво влијание на другите јавни обвинителства вклучително и на Јавниот обвинител на Република Македонија врз работата на специјалниот јавен обвинител. Воедно, Законот предвидува дека средствата за работење на специјалното јавно обвинителство мора да бидат обезбедени и ниту Министерството за финансии ниту Јавното обвинителство на Република Македонија ниту пак собранието можат да го менуваат финансискиот план за работа на ова Јавно обвинителство. Како дел од финансискиот план за работа на специјалното јавно обвинителство, логично се и платите и додатоците на јавните обвинители и на вработените во ова јавно обвинителство.
Во оваа насока, одредбата која се предвидува со новите измени на Законот за плати на јавните обвинители, го ограничува правото на Специјалниот јавен обвинител, со акт да ја уреди висината на надоместоците на јавните обвинители во специјалното јавно обвинителство и спротивно на начелото на автономија и слобода во одлучувањето, како и гаранцијата за финансиска независност која законот за специјално обвинителство ја дава, со ваквата одредба се ограничуваат овластувањата на Специјалниот јавен обвинител и се наметнува систем на контрола од Јавниот обвинител на Република Македонија.
Во овој случај логично се поставува прашањето зошто ваквите измени на Законот за плати на јавните обвинители следат во моментот кога финансискиот план за работа на Специјалното јавно обвинителство стана достапен на надлежните институции? Дотолку повеќе што во образложението на овој предлог закон како причини се наведуваат зголемениот обем на работа на јавните обвинители поради измените на Законот за кривична постапка (кој е на сила од декември 2013 година, така што се поставува прашањето зошто до сега не е реагирано). Исто така симптоматично е што во делот на образложението каде се појаснува меѓусебната поврзаност на решенијата содржани во предложените одредби на Законот за платите на јавните обвинители, стои дека ваквите одредби се во тесна корелација со одредбите од Законот за јавното обвинителство и Законот за кривичната постапка, без воопшто да се спомене Законот за Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Дека постои очигледна намера на власта за опструкции и за мешање во работата на Спцијалното обвинителство е јасно. За да може преку Зврлевски да ги контролира парите за специјалните обвинители, пратениците на владејачкото мнозинство се очекува уште в понеделник по итна постапка да ги изгласаат законските измени.
Ваквиот скандалозен потег на власта е продолжение на претходните обиди за опструкции во работата на специјалните обвинители. Откако со недели тактизираа со изборот на тимот на Јанева, сега со месеци ВМРО ДПМНЕ не сака да го изгласа Законот за јавнообвинителска служба преку кој на Специјалното обвинителство ќе му се овозможи да вработи помошен персонал, а со тоа и конечно да го комплетира својот кадар. Во обид да се надмине таквата ситуација пратениците на СДСМ и нивната коалиција го предложија до Собранието Законот за јавнообвинителска служба кој го бара Катица Јанева. Значи сега пратениците ќе одлучуваат и за овој, но и за измените во Законот за плати на јавните обвинители.