Специјалното јавно обвинителство со свои тимови се наоѓа во Централниот регистар на Македонија со цел да обезбеди документација која ќе помогне во нивната предистражна постапка за предмет што произлегува од прислушуваните материјали, а се однесува на некои сомнителни компании поврзани со кривични дела со перење пари.
Од Специјалното обвинителство ја потврдуваат информацијата дека истражителите се внатре и имаат пристап до одредена документација, но не откриваат за што конкретно станува збор. Не сакаат да откријат ниту кој предмет е ова, ниту против кого се води.
Неофицијални, информирани извори за „Фокус“ пренесуваат дека пред извесен период СЈО побарало одредена документација за да провери сомненија за криминал со перење пари преку сомнителни фирми, но од Централен регистар, како и другите институции, одбиле да соработуваат со тимот на Јанева и испратиле писмо дека барањето на СЈО било нејасно.
Но по се изгледа барањето било толку сериозно што власта се обидела да организира уништување на документи, а претходно со писмото до СЈО, Централниот регистар како да сакал само да купи време. Токму вечерва, во обид да спречи сокривање или уништување на докази, СЈО упадна во Централен регистар. Инаку, неколкумина обвинители денеска, по неуспешната писмена комуникација, се обиделе и лично да направат увид. По нивното заминување се отворил сомнежот дека власта толку се исплашила, односно компаниите кои се под истрага, што некој тајно започнал со постапка за уништување докази. Се уште е непознато каков план имале тие што имале намера да сторат кривично дело „уништување доказен материјал“ и на каков начин да го изведат тоа.