Специјалното Јавно обвинителство постапувајќи по наредба на Судија на претходна постапка, во текот на вчерашниот ден пристапило кон одземање на предмети – документација од Централниот регистар на Република Македонија, информираа преку соопштение од СЈО.
– Наредбата е издадена по барање на ова Јавно обвинителство, откако Централниот регистар во рок од 30 дена не постапи по нашето барање и единствено не извести дека барањето било нејасно, иако во неколку наврати имаше телефонска комуникација со јавни обвинители и истражители во насока на појаснување што се е предмет на нашето барање. Ве известуваме дека во текот на вчерашниот ден (вечерта) воспоставена е соработка со Централниот регистар и доставен е дел од бараната документација – се наведува во соопштението од СЈО.
Според нив, бидејќи се работи за голем обем на документација во деновите што следат планирано е да биде одземена целокупната документација која е наведена во наредбата за одземање на предмети.