Специјалното јавно обвинителство отворило истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања, информираа од СЈО на денешната прес-конференција.
Обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека постои основано сомнение оти поранешни министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, заедно со други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група, за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите, како и да интервенираат во избирачкиот список во корист на партијата од која доаѓаат.
– Луѓе влегувале во избирачкиот список на незаконски начин. Прво биле фотографирани на едно место, а добивале лична карта на друго место. Добивале матични броеви, а не станува збор за новороденчиња. Дури отпосле обезбедувале живеалиште или престојувалиште, а нотари заверувале договори за закуп надвор од процедурата – објасни Фетаи.
Обвинителката Ленче Ристова, пак, истакна дека во рамки на оваа акција под кодно име „Титаник“, барања за притвор како мерка на обезбедување на одредени лица биле доставени во текот на денешниот ден, но таа додаде дека не може да ги открие идентитетите на овие лица во оваа фаза на постапката.
– Досега од слобода беше лишено само едно лице со двојно државјанство – рече таа без да го открие неговиот идентитет, иако некои медиуми објавија оти се работи за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко.
Шефицата на СЈО Катица Јанева рече дека имаат поддршка вос војата работа не само од правната струка, од судии, адвокати и обвинители, туку и од целата меѓународна заедница и демократски свет.