Совет за етика во медиумите: Непрофесионално однесување на уредникот на Сител

by Фокус 15:25
15:25

Служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија. Вака денеска реагираше Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кои изразуваат загриженост по вчерашниот разговор во информативната емисија на Телевизија Сител поради непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ – Латас и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот Зоран Заев.

– Неспоиво со оваа професија е непримерната комуникација со соговорникот, а преку тоа и со јавноста, како и поттикнувањето стереотипи по која било основа, а грешките од ваков тип може да имаат трајни последици врз работењето на медиумот и перцепциите на јавноста. Фундаментална цел во работењето на медиумот е да и’ служи на јавноста и да покренува прашања од јавен интерес низ факти, гледишта и коментари, а неоправданите шпекулации и гласини не треба да бидат претставени како факти – се наведува во соопштението од Советот.

- Advertising -

Според нив, служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда и создаваат конфузија до неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи.

– Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да го искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања – сметаат од Советот.

Тие го повикуваат на соработка од уредништвото на оваа телевизија, кое „има крајна одговорност за тоа што се објавува и за придржување на стандардите на етичкото новинарство, со цел да се стекне и одржува доверба на јавноста во информирањето.

Апелираме до медиумот да биде свесен за својата професионална одговорност кон публиката и да им даде предност на вистинитоста и на потврдувањето на информациите од повеќе извори наспроти едностраното информирање“.

Поврзани новости