Специјалното јавно обвинителство денеска објави дека отворило две нови истражни постапки со имиња „Тарифа“ и „Тенк“.
Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тарифа“ опфатени се седум лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Во конкретниот случај постои основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра.
Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тенк“ опфатени се две лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член за дејствија случени во периодот од февруари 2012 година до крајот на октомври 2012 година.
Во конкретниот случај постои основано сомнение дека со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти – фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип.