СЈО: Откривме нов хард диск од УБК со незаконско прислушувани разговори на Зоран Заев

by fokus

Специјалното јавно обвинителство денеска го презентираше третиот шест-месечен извештај за нивната работа. Во него информираат дека, обвинителите досега откриле уште 66.909 избришани аудио фајлови. Со тоа што вкупната бројка на прислушувани разговори се искачи на 606.555.

Интересно е што во извештајот е наведено и дека при доставување на предметот „Пуч“ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до СЈО, покрај другите списи и докази, е доставен и хард диск за кој било утврдено дека потекнува од канцеларијата во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) која ја користел осудениот Звонко Костовски.

Хард дискот како што се посочува во извештајот не бил предложен во листата на докази во случајот, а по анализата СЈО утвдило дека на него биле генерирани фајлови од комуникација меѓу два телефонски броеви, чија цел бил лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој бил прислушуван без судски налози.

Во извештајот се додава дека СЈО во моментов работи 68 предмети во предистражна постапка врз основа на неовластени преслушувани разговори во вкупно траење од 13.200 часа.

Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Поврзани новости