Од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) информираат дека судија на претходна постапка за случајот „Трезор„, позитивно одговорил на нивното барање, односно ја блокирал сметката на компанијата „Финзи“.
-Во текот на вчерашниот ден Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје донесе решение со кое наложи да се запре извршувањето на финансиските трансакции на сметките на правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје. Ова решение беше донесено по повод наше барање за донесување привремена мерка забрана за користење и располагање со трансакциска сметка на правното лице во случајот „Трезор“. Појаснуваме дека нашето барање беше прецизирано согласно укажувањата на Судијата на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, со што изразивме подготвеност за продлабочување на професионалната соработка со Судотл,, велат од СЈО.
Според истрагата за случајот „Трезор“, три раководни лица од УБК и едно раководно лице од МВР прибавиле имотна корист за „Финзи ДОЕЛ“ од 862.045 евра, при набавка на опрема за телекомуникација од Велика Британија. Ова е директна штета на државниот буџет на Македонија.
Обвинителката Фатиме Фетаи објасни дека во истрагата СЈО има сведок од МВР кој учествувал во целиот процес. Инаку, раководител на фирмата „Финзи ДООЕЛ“ беше Коста Крпач, кој беше сведок на СЈО и беше пронајден мртов под сомнителни околности.