Специјалното јавно обвинителство бара итен претрес во просториите на еден телекомуникациски оператор, кој одбива да соработува. Меѓутоа, Основниот суд Скопје 1 одби да го уважи барањето за влез во операторот, од кој СЈО бара податоци за масовното прислушување.
Oд СЈО соопштија дека Судот сметал дека му требаат прецизни податоци, за да се издаде судска наредба за да може СЈО да ги пребарува компјутерските системи. За да издаде наредба за претрес, барал и прецизна адреса конкретен сектор во компанијата што ќе се претресува и описот на видот и карактерот на компјутерите.
-Појаснуваме дека во барањето за издавање наредба за претрес наведен е називот на системите, односно носителите на податоци, наведено е конкретно кои податоци се бараат и од кој телекомуникациски оператор конкретно. Сепак, во насока на постапување по забелешките на Судот, упатено е барање до телекомуникацискиот оператор за итно обезбедување на податоците кои според наоѓањето на Судот се неопходни за издавање на наредба за пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци.- додаваат од СЈО.