На локалните избори и на дополнителните избори за третина од Горниот дом на чешкиот Парламент, Чесите со своите гласови, но помалку од очекуваното ја зајакнаа популистичката опозиција, додека гласовите што ги загуби владејачката централно-десничарска коалиција беа дадени на независните, а не на антисистемските или популистичките партии и кандидати.
Независните кандидати освоија 38.099 советнички места од вкупно 62.000 во локалните самоуправи во Чешка, додека најуспешни од партиите со 2.716 советници се демохристијаните од владејачката коалиција, а Граѓанската демократска партија на премиерот Петр Фијала е пред најсилната опозициска партија АНО на поранешниот премиер Андреј Бабиш со 1.600 советници.
Според аналитичарите првпат во Чешка сите главни актери на политичката сцена се задоволни од резултатите од изборите на кои излегле 46 проценти од граѓаните со право на глас.
– Ако ова беше референдум за Владата, тогаш гласачите ја оценија нашата работа. Победивме повеќе во регионалните главни градови отколку пред четири години, најсилни сме во Прага, Плзен, Чешке Будјовице. Изборните резултати сведочат за поларизирано општество и дека АНО ги концентрира гласовите на гласачите на левицата и на оние кои се приемчиви на популизмот, посочи премиерот Фијала.
АНО, партијата на поранешниот премиер Бабиш, иако загуби дел од одборничките мандати, се засили во регионалните центри и победи во метрополите на седум од 14 региони на Чешка, а е посилна од пред четири години во Прага, која традиционално е бастион на партиите на центарот и десницата.
– Не би го менувал резултатот. Мислам дека значително се засиливме. Драго ни е што резултатите изгледаат како што изгледаат, наведе Бабиш.
Задоволен е и лидерот на чешките радикални националисти од партијата Слобода и директна демократија, Томио Окамура, бидејќи 330 советници во чешките општини значи двојно повеќе од претходните избори.