Сите се осомничени во случајот со исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ

by Fokus

Полицискиот мајор Бојана Отовиќ Пјановиќ изјави дека истрагата за исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ е динамична, обемна и дека се проверуваат сите можни факти и лица. Таа додаде дека во случајот сите се осомничени, но дека не сака да лицитира со никого.

„Се проверува секое можно лице кое било на местото на настанот или во близина. Не можам да кажам што се проверува“, изјави Отовиќ Пјановиќ за РТС.

Таа посочува дека се посетува и пребарува теренот во најблиското подрачје околу местото на настанот, но дека потрагата е проширена и на сите можни гранични премини, „за да се елиминира секаква можност некој да ја напушти Србија“.

Таа истакна дека теренот во Бањско поле кај Бор, каде во вторникот во 13 часот и 45 минути исчезна Данка Илиќ, е непристапен и дека дете на таа возраст би можело да има несреќа.

Таа се присети и на видеото кое српски државјанин го сними во Виена, на кое се гледа девојче кое изгледа како Данка во присуство на две жени, додавајќи дека во моментот кога се појавила ги проверувале информациите и веродостојноста на самата снимка. Бил остварен контакт и со човекот кој видеото го испратил по електронска пошта до српската полиција.

„Издадена е жолта потерница на Интерпол, која се издава кога постои сомневање дека некое лице е надвор од границите на државата“ објасни таа.

На прашањето дали можеби малата Данка е жртва на трговија со луѓе, таа рече дека полицијата во моментов не исклучува ништо.

„Елиминацијата ќе оди кога ќе го добиеме неоспорниот факт дека некој не може да биде поврзан со она што се случило“, вели Отовиќ Пјановиќ.

Рече дека мајката на девојчето не била подложена на полиграфско тестирање, бидејќи не може да биде веродостоен со оглед дека таа е бремена.

„Тоа укажува и дека полиграфскиот тест не може да се користи како доказ во понатамошната постапка, но може да ја насочи истрагата во одредена насока“ објасни таа.

Во истрагата се вклучиле сите земји од опкружувањето, рече Отовиќ Пјановиќ.

Поврзани новости