Сите осуммина за кои е побаран притвор се повикани во судот кај двајца судии

by Фокус 23:26
23:26

Ако се цени според должината на исказот на Едмонд Темелко од Пустец кој цел ден е во канцеларијата на судиите за претходна постапка, приведен како дел од групата која учествувала во изборен фалсификат, тогаш претстои целоноќен маратон со испрашување. Судот има ангажирано двајца судии, едниот е од организиран криминал, кои денеска, но и утре најверојатно, ќе ги испрашуваат осомничените. Меѓу судиите е и судијката која донесе решение дека аудио материјалите од прислужувањето не може да се користат како докази. Вечерва на ред стигна екс- министерот Миле Јанакиевски, но тешко се пробива бедемот за проток на информации за да се дознае колкумина се испрашани пред него, а колку ќе следуваат. Она што се знае е дека одбраната на функционерите на ВМРО ДПМНЕ ја води адвокатот на Никола Груевски, Никола Додевски.

Јанакиевски има многу што да открие, или да се обиде да сокрие, ако тоа е воопшто можно со оглед дека специјалните обвинителки на денешната прес конференција без уверени дека имаат цврсти докази, и материјални, но и искази на сведоци. Исто и Јанкуловска која денеска беше посочена како главна во злоупотребите во МВР. Практично таа ги ангажирала подредените низ многу сектори и полициски станици за да се местат изборите. Освен Темелко, пред судиите за претходна постапка ќе треба искази да имаат и екс- министрите, членови на избирачки одбори, како Исмет Гури од Чаир, како и други инволвирани во изборните нерегуларности. Вкупно се осуммина, но Специјалното обвинителство не го откри нивниот идентитет. Но, осуммина се само за тие за кои е побарано притвор, инаку во изборните нерегуларности учествувале десетици партиски функционери на ВМРО ДПМНЕ кои ќе бидат повикани на одговорност. Меќу нив има и петмина судии од Управен суд, но за нив за сега не е побаран притвор оти ги штити имунитетот.

- Advertisements -

Извори од судството за Фокус пренесуваат дека повикани се сите и по се изгледа дека во ходникот на судот се осумтемина први пријавени во првата истрага на Специјалното обвинителство. Изворите најавуваат дека по завршување на распитот судот ќе издаде соопштение за да извести дали на осомничените им е одредена мерка притвор. Таа мерка се одредува по три точки, како опасност од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото. Реално, сите три точки може да се искористат при одредување на мерката, особено влијанието врз сведоци.

Да не заборавиме дека дел од пријавителите кои поднесоа пријави против тимот на Катица Јанева за наводна уцена и притисоци при нивно испрашување се токму лица кои требало да бидат сведоци, но под притисок на власта поднеле пријави против Катица Јанева. Токму таквите примери потврдуваат дека власта нема да се откаже од влијанието врз сведоците. Што се однесува до повторување на делото исто така постои опасност со оглед дека следат избори, а кампањата на терен е практично започната. Единствено точката за бегство може да биде неутрализирана затоа што може да им се одземат патните исправи на осомничените.

Да потсетиме дека судот под контрола на власта на ВМРО ДПМНЕ во притвор држеше граѓани и по една година за само пет евра поткуп на патарина. Делата на осомничените овој пат се даелку посериозни.

Она што е забележително е дека осомничените успешно се кријат од камерите и фото апаратите, па тешко се ловат во кадар. За разлика од акциите под водство на Јанкуловска кога сите осомничени беа приведувани во спектакуларни акции пред објективите на медиумите, денеска тоа го немаше. Јанакиевски и Јанкуловска се само повикани, па дури им се овозможуваат и споредни влезови на судот само за да ги избегнат новинарите. Едноставно, ним ќе им се суди според закон, за разлика од многумина на кои им се пресуди политички. Значи околу судската зграда нема специјалци, нема приведени со лисици, нема видеја за дискредитација на осомничените.

Според инфомациите од судот, но и од сликата на терен тешко дека распитот на осомничените ќе завршат вечерва. Одлуката на судот сигурно ќе биде позната дури утре. Осомичените за кои се бара притвор, но и за оние за кои не се бара, според СЈО учествувале во местење на изборите преку бројни нерегуларности- измислување матични броеви, принтање лични карти, впишување на гласачи во избирачкиот список, употреба на насилство, закани и уцени…

Поврзани новости