Приватната клиника „Аџибадем Систина“ преку соопштение за јавноста објаснува дека брзите тестови за корона вирус (COVID – 19) се набавени од холандска компанија и се одобрени од холандската Влада и најавува тужби, но не прецизира против кого.
Употребата на брзите тестови, наведуваат, е потврдена и препорачана и од FDA – Американската Асоцијација за примена на храна и лекови која сигнализирше дека федералните регулатори се целосно задоволни со податоците за резултатите на тестот, а се поголем е бројот на земји кои се одлучуваат за нивно користење како најбрзо и едноставно решение за проверка на имунолошкиот статус на населението, а преку тоа проверка дека лицата биле во контакт со вирусната инфекција, а со цел побрзо враќање во редовното функционирање.
Аџибадем Систина, како сериозна здравствена институција, со сериозна светска акредитација од самиот почеток ги објасни и јавно ги приложи сите детали во врска со овие тестови на граѓаните и понатаму нема никаква намера дополнително да дебатира, а до конкретни лица ќе поднесе кривична пријава за загрозување на јавното здравје преку невистинитите информации кои ги пласираат во јавноста и ширење паника преку изнесување лажни вести. Кон кривичната пријава ќе се приклучи и холандската компанија од која се набавени овие тестови, стои во соопштението.
Министерот за здравство, Венко Филипче неколку пати кажа дека овие тестови детектираат антитела, но не и присуство на вирусот и рече дека сите тестови од оваа приватна клиника ќе бидат повторени во Институтот за јавно здравје.