Поранешниот шеф на грчката дипломатија Катругалос бара одговор од Дендиас зошто доцни ратификацијата на трите меморандуми кои беа донесени во парламентот во Атина кон средината на септември минатата година
Кога меморандумите со Северна Македонија ќе дојдат на гласање во парламентот? Како ќе се решат значителните доцнења за учебниците и трговските ознаки, прашува одговорниот за надворешна политика во СИРИЗА, Јоргос Катругалос во пратеничко прашање упатено до шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, јави МИА од Атина.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега пратеник од опозициската партија, од Дендиас бара информации зошто доцни ратификацијата на трите меморандуми со нашата земја и покрај тоа што во парламентот беа донесени кон средината на септември минатата година.
Во пратеничкото прашање пишува дека, и покрај ставот на актуелната грчка Влада за почитување на Договорот од Преспа, „сè уште се забележуваат сериозни проблеми на доцнење и многу случаи на лицемерие од страна на министрите и членовите на Нова демократија“.
-Јасно е дека противењето за Договорот од Преспа на одредени претставници на Нова демократија, вклучувајќи го и поранешниот премиер Самарас, не е оправдување за наведените доцнења, што им штетат на националните интереси, пишува Катругалос.
Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, се трите потпишани меморандуми меѓу Северна Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а кои лани во септември беа оставени во грчкиот парламент, по што беше наавена нивна ратификација откако ќе ги поминат предвидените процедури.
При неодамнешната посета на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Атина, исто така, беше најавено потпишување на неколку меморандуми што произлегуваат од Преспанскиот договор, за време на неговата средба со Дендиас.