Во случај да не се даде зелено светло за Албанија, зошто ќе треба да биде казнета Северна Македонија – ова прашање пратеничката од опозициската СИРИЗА, Сиа Анагностопулу, го упати до алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис за време на денешната расправа на постојаната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент.
-Не сметате дека ова ќе ги зголеми нестабилноста и национализмот во регионот, ако останат надвор и двете земји? Додека пак давајќи зелено светло за Северна Македонија која има направено огромни чекори, ова ќе запре или нема да дозволи ескалација на национализмот? – праша Анагностопулу.
Претходно, Варвициотис во неговото обраќање и презентирање на стратешките цели за темите што се во негова надлежност рече дека поради „присутноста на албанскиот елемент во регионот, разделувањето и почетокот на пристапни преговори со само една земја кандидат, може, наместо да ја продлабочи стабилноста, да предизвика одново појавување на дестабилизација на северната граница“.