Барлет Џафери, синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери и Албулена Абази – сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази станаа обвинители.
Барлет Џафери денеска на седница на Советот на јавни обвинители е избран за обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар, а Албулена Абази е избрана за обвинител во ОЈО Кичево.
Во изјава за медиумите по денешната 80. седница на која беа избрани нови 18 обвинители во 12 обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип, претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски истакна дека остануваат уште десет неизбрани обвинители.
„Избрани се 18, десет останаа неизбрани. Дел од нив не се јавија, многу мал дел, поголемиот дел се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. Куманово, кое е на два чекори од Скопје никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува“ – рече Јолевски.
На прашањето за биографијата на Барлет Џафери, за кого ДКСК објави дека положил правосуден испит пред да дипломира, Јолевски рече дека целосната документација што е потребна за кај нив е важечка, а за останатото треба да се погрижат другите надлежни институции.
„Целосната документација што е потребна за кај нас ја има и е важечка, ние не можеме да се впуштаме во тој дел, не е наша надлежност. Оние институции кои треба да се грижат, би требало да интервенираат доколку сметале дека нешто не е во ред. Министерството за образование, Министерство за правда, кога полагале правосуден испит, ниту еден досега нема поведено постапка, ниту, колку што знам, ДКСК го има затворено предметот како предмет“ – рече Јолевски.