Корупција во високото образование постои, но не се пријавува

by Fokus

Корупцијата во високото образование ја има, во различни форми и се практикува на различни начини, но студентите иако во голем дел ја препознаваат, сепак не ја пријавуваат.

Ова е заклучокот од настанот „Форми на корупција во високото образование“ кој што Институт за демократија денеска го организираше посветен на формите на корупција кои што се присутни во високото образование и улогата на студентите во борбата со корупција.

Биљана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата истакна дека мора да се разговара за корупцијата во високото образование затоа што постои како проблем, но малку се зборува на оваа тема.

„Овој сектор е третиран во нашата национална стратегија бидејќи граѓаните посочуваат дека постои корупција во високото образование. Во Антикорупциска комисија имаме бројни пријави, но тие најчесто се од анонимни професори. Од студенти не сме добиле ниту една пријава“ – истакна Ивановска.

Професорот Гордан Калајџиев кој е антикорупциски офицер на УКИМ потенцираше дека нема добиено ниту една поплака од студенти за корупција.

„Очигледно дека Антикорупциска комисија како потранспарентна и попозната, на луѓето им била поблиска, а претпоставувам дека тоа се должи и на недоволната упатеност на студентите. Нема ниту на веб-страната на УКИМ насока како да се пријави корупција ниту кој е офицерот. Исто така важно е офицерот да има постабилен линк со ректорот. Во последните неколку години немаме реални показатели за корупција туку зборуваме само за перцепции, а традиционално студентите не пријавуваат корупција“ вели тој.

Директорката на Младински образовен форум, Теодора Столевска вели дека сите истражувања покажуваат дека младите ќе си заминат од државата или сакаат да си заминат. Примарна причина е што не може да најдат соодветна работа но втора причина е степенот на корупција.

„За жал корупцијата е видна појава во нашето општество, постои секаде. Најчеста појава на корупција во високото образование е непотизам, потоа поткуп, кој постои во неколку форми како купување книги, одење на приватни часови кај професорите и слично. Но, и младите се тие кои што влегуваат во практики, мамат на испит, купуваат прашања, креираат плагијати на трудови. Студентите се соочуваат со корупција но не знаат каде да ја пријават“ – смета Столевска.

Поврзани новости