Синдикатот ги повикува наставниците со нерешен статус на непослушност и блокади

by fokus

Прогресивниот синдикат на образованието при Сојузот на синдикат на Македонија ги повика сите наставници коишто немаат решен работен статус да им се придружат во синдикалната борба и со граѓанска непослушност да го блокираме влезот во собранискиот паркинг.

Според нив, политичките игри и натегањата меѓу политичките партии во Собранието се на штета на наставниците.

-Не станува збор само за зголемувањето на платата, сегашната верзија на Законот за наставници и стручни соработници значи и сигурност на работните места за над 4700 наши колеги. Наставниците коишто немаат решен работен статус се лесна мета за партиските каравани, што го руши достоинството на професијата. Тоа мора да престане. Нема да дозволиме наставниците, нивното достоинство и нивната егзистенција да бидат жртва на политичките игри, реагираат од Синдикатот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку соопштение вели дека Законот кој СДСМ сака да го изгласа во Собранието не предвидува зголемување на платите на наставниците, туку целосна партизација во образованието.

-СДСМ и владејачкото мнозинство искрено да се грижеа за покачувањето на платите на наставниците и професорите, ќе го усвоеја амандманот кој го предложи ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ преку амандман побара да се усогласат платите во јавниот сектор со минималната плата и да дојде со коефициентот на сложеност на работните места. Со ова ќе се испочитува и Колективниот договор во образованието, а наставниците и професорите ќе добиеја поголема плата, до 45 илјади денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак велат дека блокадите на Законот за наставници и стручни соработници во основното и средносто образование на вчерашната седница на Комисијата за образование наука и спорт се претворија во обиди за физичко насилство и хаос.

-Срамно и безобразно е однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои не дозволуваат да почне расправата за овие измени. ВМРО-ДПМНЕ цела година блокира измени со кои над 27.000 наставници и стручни соработници ќе добиваат повисоки плати, а околу 4700 од нив ќе добијат трајно вработување. ВМРО-ДПМНЕ повторно си го покажа лицемерието, насилничката матрица и деструктивното дејствување, покажа дека воопшто не се грижи за наставниците, велат од СДСМ.

Поврзани новости