Синдикат на МНР: Пратеникот Поповски кривично да одговара за лажно претставување како министер

by fokus

Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) денеска преку отворено писмо до в.д. министерот за надворешни работи Илија Исајловски побара да се спречи Никола Поповски лажно да се претставува како министер.

-По извршениот увид во важечката уставно- законска регулатива, и посебно членовите 63 од Уставот, потоа 5 и 9 од Законот за пратеници, како и 8 од Изборниот законик, најнедвосмислено произлегува дека на пратеникот Попоски функцијата заменик- премиер и министер за надворешни работи му престанала по сила на законот со ДЕНОТ НА ВЕРИФИКАЦИЈА НА МАНДАТОТ ПРАТЕНИК. Извесно е дека не се работи за ниту теориска можност за примена на членот 93 од Уставот, бидејќи во Владата на која и’ престанал мандатот има нејзини членови кои не станале пратеници, па оттука не може да стане збор дека постои каква и да е неопходност оние членови на таквата Влада кои станале пратеници – да продолжат да ги држат своите претходни функции заради опасност од дисфункционализација. Таков е случајот и со Министерството за надворешни работи, со оглед на тоа што заменикот МНР во какви и да е услови на спреченост на МНР – исцело ги има ингеренциите да ја врши функцијата МНР. Следствено, се’ што по 30 декември 2016 година презел пратеникот Попоски претставувајќи се како МНР е лажно претставување, па дури треба и да се разгледа евентуалната кривична одговорност, се вели во писмото на Синдикатот.

Од Исајловски тие бараат:

– Најитно да ни објасните врз основа на што, ако е тоа точно, му е дозволено на пратеникот Попоски да го користи кабинетот на МНР во Министерството и зошто не се реагира со појаснувања до јавноста дека пратеникот Попоски веќе не е МНР;

– Најитно да се корегираат сите оние дезинформации на сајтот на ова Министерство каде пратеникот Попоски фигурира како МНР и

– Најитно да го отворите ова прашање на седница на Владата (доколку се држат) поради тоа што се работи за противправност видлива кај редица други поранешни министри, а сега пратеници, вклучувајќи го и последниот премиер.

 

Поврзани новости