Српските пејачи редовни во Македонија

by fokus 12:48
12:48

 

Популарниот српски фолк пејач Мирослав Илиќ (66) ќе ја започне својата јубилејна турнеја од Скопје. Неговиот прв концерт по повод 45 години на естрадата е закажан на 11 март во арената „Метрополис“, а потоа турнејата продолжува во поголемите градови во поранешните југословенски републики.

За Скопје да биде неговата почетна концертна станица допринел фактот што тој дел од својата младост минал токму во нашиот главен град, како студент на Електро Факултетот. Првата песна ја снимил на свои петнаесет години, но најголема популарност му донела нумерата „Сакав девојка од градот“ на негови дваесет и пет години. Од тогаш, тој има снимено над 30 албуми, од кои последниот беше промовиран во 2014 година.

Со зборовите „Ако ви се игра – играјте, ако ви се пее – пејте“ Илиќ ги кани македонските обожаватели на неговиот концерт.

Во Србија беше актуелен во изминатиот период како дел од жирито на музичкото шоу „Пинкови ѕвезди“ но и со аферата за неговиот вонбрачен син Девин кој што дојде со својата мајка од Америка за да се запознае со татко му, но пејачот одбил секаков контакт со него. Инаку, со сопругата Гордана е во брак повеќе од четири децении и има две деца и внучиња.

Кон крајот на август, минатата година, тој имаше концерт во Македонска Каменица, по повод манифестацијата „20 години Македонска Каменица“. На истата манифестација настапи и Цеца Ражнатовиќ, која што и овојпат, само две недели по концертот на Илиќ, ќе има солистички концерт во Скопје на дваесет и петти март.

Мирослав имаше заеднички концерт со Адил Максутовиќ и во Скопје кон крајот на 2014 година во арената „Борис Трајковски“. Тогаш, публиката реагираше дека наместо  целовечерен концерт, Илиќ пеел само еден час, па присутните си заминале многу порано отколку што очекувале.

Вики Клинчарова

Поврзани новости