Синдикалците размислуваат да им се приклучат на професорите што штрајкуваат со глад

by Fokus

Советот на СОНК денеска на посебна седница одлучува дали синдикалците ќе им се приклучат на тројцата професори од Универзитетот во Штип кои веќе осми ден штрајкуваат со глад.

Професорите Крсте Шајновски, Александар Костадиновски и Маргарита Матлиеска повеќе од една недела гладуваат бидејќи останаа без работа. Тие се изнемоштени, уморни и во прашање е доведена нивната здравствена состојба.

Еден од професорите коишто штрајкуваат, Крсте Шајноски денеска уште еднаш образложи зошто бунтува и потенцираше дека не му е јасно како деканот Ристо Фотов се потпишал на рецензентскиот извештај за повисоко звање, а подоцна гласал против својот потпис.

– Деканот и уште една група луѓе ја дигнаа раката против рецензентскиот извештај зашто јас бев изненаден и на секој од тие осум луѓе што гласаа против лично им се обратив и ги прашав зошто го направија тоа. Никој немаше образ да ме погледне и со наведната глава не одговорија на моето прашање. Негово право е да си го гази потписот кој го дал. Проблемот во моментов е само наш, но тоа во иднина може да стане проблем за сите професори. Ако си близок до деканот ќе напредуваш, ако не може да останеш и без работа. Тоа на наставничкиот колегиум беше цело договорењно сценарио.  За каква автономија зборуваме кога на наставничкиот совет стои обезбедување и се штитат од нас. Се собрале деканот и блиските до него и сакаат да нѐ егзекутираат – изјави Шајновски.

Професорот Јове Кекеновски им даде јавна поддршка на колегите и тој тврди дека нема да дозволат никој да си игра со достоинството на академската фела, со судбината на професорите и со судбината на нивните семејства.

– Направен е невиден преседан во историјата на високото образование, прекршени се Уставот и законите. Изостанаа реакаци од ректорот, ректорската управа и од сенатот кои под итно мораа да се огласат. Ние сме неми сведоци на управувањето на овој менаџмент кој исто така немо и слепо се следи од министерот за образование, што не е ни чудно бидејќи на челната позиција во образованието дојда многу луѓе што немаат елементарно познавање на областа – смета Кекеновски.

На денешната седница сидикалците ги поканиле и ректорот Саша Митрев, деканот Фотов и директорот на Државниот просветен инспекоторат, меѓутоа никој не се одзвал на поканата.

Поврзани новости