Силвана Бонева свикана на распит во СЈО

by fokus

И членот на Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева во понеделник треба да даде исказ во Специјалното јавно обвинителство, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

За сега не се знае за кој случај е повикана Бонева да сведочи во СЈО. Таа, во бомбите што ги презентираше опозицијата, меѓудругото се најде во еден од разговорите со Никола Груевски. Во него, Бонева која тогаш беше пратеничка и кандидат за градоначалник на Струмица му укажува на Груевски дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Славе Гошев ги рекетира фирмите во Струмица на средина на изборната кампања.

Освен Бонева, в понеделник на распит е свикан и лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК веќе потврди дека е викнат во врска со истражната постапка за изборни измами во ромските средини и за дело дискриминација и омаловажување на етничка заедница.

Инаку, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во понеделникот најави дека во следниот период  ќе има зголемена фреквенција на лица свикани на распит во СЈО, но нема да открива детали за предистражните постапки.

Поврзани новости