Поради невремето што попладнево го зафати охридско-струшкиот регион, дојде до испад на 110 kV далекувод ТС Охрид – ТС Струга. Силниот ветер и обилните врнежи предизвикаа кинење на проводното јаже на далекуводот.
„Дефектот настана во период кога, поради редовни технички зафати за замена на оптичко јаже, плански беше исклучен и 110 kV далекуводот ХЕЦ Глобочица – ТС Струга. Како последица на тоа, регионот на Охрид и Струга остана без напојување со електрична енергија од двата правци.
Со оглед дека станува збор за далекувод кој, доколку е потребно, може повторно да биде ставен во функција во релативно краток рок, во погон е вклучен 110 kV далекуводот Глобочица – ТС Струга, со што е снабдувањето со електрична енергија е стабилизирано.
Во меѓувреме, далекуводот Охрид 2 – ТС Ресен сè уште е надвор од функција.
Во моментот нашите екипи се на терен и работат на локализирање и санирање на проблемот“, информираа од МЕПСО за „Фокус“.