Во услови на зголемен јавен интерес за функционирањето и одржливоста на пензискиот систем, во време кога пензиските системи ширум Европа се соочуваат со демографски и економски предизвици, информираноста и довербата на граѓаните стануваат исклучително важни. Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија (АДПФ) продолжува со својата определба јавноста да ја информира преку проверени факти, транспарентни информации и стручни анализи.
Кампањата „Засади желба“ веќе шеста година претставува препознатлива платформа за едукација на граѓаните за пензискиот систем, личното пензиско штедење и долгорочното финансиско планирање.
Преку низа комуникациски активности, едукативни содржини, јавни настапи и директна комуникација со граѓаните, кампањата ќе се фокусира на Подигнување на пензиската свесност кај граѓаните.
Зошто е потребен повеќестолбен пензиски систем?
Затоа што ниту еден современ и успешен пензиски систем не се потпира само на еден извор на финансирање.
Најдоброрангираните пензиски системи во светот, како оние во Холандија, Данска, Исланд и во Сингапур, комбинираат државна пензија со капитално финансирани пензиски фондови и доброволно штедење. Примерот и искуството на овие земји покажува дека повеќестолбниот модел придонесува кон поголема отпорност на пензиските системи.
Што треба да знаат граѓаните за вториот столб?
Вториот пензиски столб повеќе од две децении претставува составен дел од нашиот пензиски систем и брои околу 610.000 членови, со над 3,3 милијарди евра акумулирани средства, од кои над 1 милијарда евра е резултат на инвестирањето.
За разлика од првиот столб, кој функционира на принцип на генерациска солидарност (денешните вработени ги финансираат денешните пензионери), средствата во вториот столб се акумулираат на лична индивидуална сметка на секој член и се негова лична сопственост.
|
Граѓаните треба да знаат дека:
|
Неговата улога е граѓаните да создаваат сопствена пензиска заштеда преку средства, кои се водат на лични индивидуални сметки, кои се во нивна сопственост. Средствата на личната сметка се наследни, што претставува дополнителна заштита за членовите и нивните семејства. Секој член има можност редовно да ја следи состојбата на својата индивидуална сметка и приносите што ги остварува неговиот пензиски фонд.
По актуализирањето на прашањата за одржливост на пензискиот систем, дали вториот пензиски столб е одржлив?
Да, токму вториот столб е една од клучните алатки за долгорочна одржливост на пензискиот систем. Причината е што тој не зависи исклучиво од односот меѓу бројот на вработени и бројот на пензионери, што е главниот предизвик за системите базирани само на генерациска солидарност.
Во услови на стареење на населението, понизок наталитет, одлив на населението во странство и подолг животен век, вториот столб овозможува секој осигуреник да гради сопствена пензиска заштеда преку долгорочно инвестирање на средствата. Така се намалува притисокот врз јавниот пензиски систем и се создава дополнителен извор на приходи во пензија.
Затоа, наместо да се гледа како алтернатива на првиот столб, вториот столб треба да се гледа како негов важен партнер. Комбинацијата на солидарноста од првиот столб и личното штедење во вториот столб овозможува поголема сигурност и поодржлив пензиски систем за идните генерации
Дали средствата на граѓаните се безбедни?
Да. Пензиските фондови работат според строго дефинирани законски правила и под постојан надзор на надлежните институции.
Инвестициите се распределуваат согласно принципите на диверзификација и управување со ризик, со цел максимално да се заштитат интересите на членовите на фондовите.
Безбедноста на средствата е вградена во самиот систем преку законска регулатива и институционален надзор. Контролори се интерните системи на пензиските друштва, банките чувар на имот и државата, преку Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Оваа повеќестепена контрола се одвива на дневно ниво.
Дали приносите ги оправдуваат очекувањата?
Пензиските фондови треба да се оценуваат на долг рок, а не според краткорочните движења на финансиските пазари.
Да. Од почетокот на функционирањето на вториот столб до денес, задолжителните пензиски фондови оствариле просечен годишен номинален принос од над 5 проценти, како и позитивен реален принос над инфлацијата. Според достапните податоци на OECD, во последните 15 години, заклучно со крајот на 2024 година, домашните пензиски фондови имаат повисоки стапки на принос од пензиските фондови во САД, Австрија, Данска, Италија, Шпанија и низа други држави. Овие резултати се постигнати во услови на законски ограничувања, кои налагаат горен лимит од 30 проценти за изложеност кон странски акции и обврзници и странски удели во инвестициски фондови, со истовремена законска одредба за минимум 50 проценти изложеност кон домашни инструменти што се рефлектира во изложеноста на пензиските фондови кон домашни државни обврзници. Исто така, постигнатите резултати се остварени во период на повеќе глобални економски кризи и пазарни турбуленции.
Пензиските фондови не треба да се оценуваат според флуктуациите на пазарите во една година или во еден економски циклус, туку според нивната способност да создаваат вредност за членовите во текот на целиот работен век.
Вредноста на пензиското штедење се создава со децении, а не во една година.
Довербата се гради преку знаење.
Пензиската сигурност се гради преку време. Затоа денес ја садиме желбата за посигурно утре.
|
Асоцијацијата на пензиските друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија ги обединува пензиските друштва КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје, кои управуваат со задолжителните и доброволните пензиски фондови во државата. Нејзината мисија е да придонесува кон развојот на капитално финансираното пензиско осигурување, да ја унапредува финансиската и пензиската писменост и преку транспарентна комуникација да ја зајакнува довербата во пензискиот систем.
|
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk.