Македонија е врвен приоритет на САД во регионот, а од стратешкото партнерство во следните години треба да произлезат капитални проекти од историско значење, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон.
-Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, САД и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа – вели Мицкоски.
Во Вашингтон, Мицкоски разговарал со американската Корпорација за меѓународно финансиско развивање ДФЦ за можно финансирање на Чебрен и Галиште, како и за други енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции.
-Мислам дека ја гледаат Македонија низ најблиска оптика, дека сме врвен приоритет во регионот и ценам дека во годините што следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои ќе имаат историско значење – вели Мицкоски.
Мицкоски открива дека покрај „Рамбл“ на Крис Павловски, Владата разговара со уште 5 компании за дата-центри. Според него, новите центри треба да користат современи системи за ладење, а на директното прашање дали Владата може да гарантира дека ќе се користат технологии со мала потрошувачка на вода одговори потврдно.
– На нас ни треба високотехнолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која ќе го зголемиме бруто-домашниот производ и стандардот на граѓаните – вели Мицкоски.
Планот, според него, не е замислен за еден владин мандат, туку како подолгорочна национална стратегија заснована на патна и железничка инфраструктура, енергетика и висока технологија.
Во интервјуто, Мицкоски зборува и за односите со Бугарија, велејќи дека прашањето неизбежно се отвора во разговорите со европските партнери, но дека Владата нема намера брзоплето да се повлекува од меѓународни договори.