Денес Собранието ќе одлучува за ребалансот на Буџетот за 2026 година. Левица ќе гласа против предложениот ребаланс, бидејќи амандманската расправа покажа дека Владата не само што нема намера да ја промени својата економска политика, туку одби речиси секој предлог што значеше поголема јавна корист, подобра заштита на граѓаните и поодговорно трошење на буџетските средства, се наведува во партиското соопштение на Левица.
Велат „поднесе 47 амандмани со кои предложи дел од непродуктивните расходи да се пренасочат кон проекти од стратешко значење за државата и кон директна поддршка на граѓаните. Наместо да го искористи ребалансот за корекција на приоритетите, парламентарното мнозинство ги одби речиси сите предложени решенија. Еден од одбиените амандмани предвидуваше воведување GPS-систем за службените возила. Со оваа мерка ќе се воспоставеше целосна евиденција на движењето и користењето на службените автомобили, ќе се намалеше можноста за нивна злоупотреба за приватни и партиски цели и ќе се обезбедеше поголема отчетност при трошењето на јавните средства. ДПМНЕ одби дури и ваков елементарен механизам за контрола на државниот имот“.
„Во делот на заштитата на природата, ДПМНЕ ги одби средствата за изработка на студии за валоризација на планините Огражден и Кожув – неопходен предуслов за започнување постапка за нивно прогласување за национални паркови. Со прогласувањето на овие подрачја за национални паркови би се обезбедила највисока форма на заштита од идни концесии за рудници и други деструктивни зафати, би се зачувал биодиверзитетот и природните ресурси, а локалниот развој би се насочил кон одржлив туризам наместо кон експлоатација. Истото мнозинство го одби и амандманот за формирање посебен фонд за националните паркови, како и изградба на регионален центар за селекција и рециклирање на отпад кај Дрисла. Без поддршка останаа и амандманите со кои Левица бараше изградба на нови шелтер-центри за жртви на семејно и родово базирано насилство, отворање нови центри за упатување и третман на жртви на сексуално насилство и стабилно финансирање на Националната СОС-линија. Македонија и понатаму нема доволен број засолништа за жртвите, а постојните услуги функционираат со ограничени капацитети и неизвесно финансирање. Наместо државата конечно да инвестира во систем кој ќе обезбеди сигурност и заштита за жртвите, ДПМНЕ ги одби овие предлози. Единствено беше прифатено делумно зголемување на средствата за Националната СОС-линија – наместо предложените 5 милиони денари, беа одобрени само 2 милиони“ велат од Левица.
ДПМНЕ го одби и предлогот за формирање јавен станбен фонд преку изградба на државни станови. Во услови кога цените на становите и кириите постојано растат, а сè повеќе млади семејства не можат да обезбедат сопствен дом, овој амандман ќе овозможеше државата повторно да преземе активна улога во станбената политика, наместо домувањето целосно да биде препуштено на пазарот и на профитот на инвеститорите, е партискиот став.