Последните разговори што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го покажуваа замешателството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во кадровските прашања во обвинителството и судството.
Прво, ВМРО-ДПМНЕ бара од ДУИ нивно обвинителство место, бидејќи ексјавниот обвинител, Љупчо Шврговски, и го ветил на претседателката на апелацискиот суд за нејзиниот син.
Партијата на Али Ахмети, на инсистирање на поранешниот министер за правда, Блерим Беџети, го ослободува местото, но вицепремиерот Муса Џафери јасно му нагласува да бара конкретни компензации.
Потоа, министерот за здравство, Никола Тодоров, ургира кај својата колешка Гордана Јанкуловска за да ја изберат во Управниот суд сопругата на негов пријател, на што Јанкуловска му одговара дека конкурсот е затворен, ама ќе ја имаат во предвид наредниот пат.
На крајот, министерот за финансии, Зоран Ставревски, бара од Јанкуловска да му се загорчи живот на негов поранешен вработен, кој без дозвола конкурирал за судија.