Што злодело стори македонскиот народ, па одново да се преродува?

by Фокус

Текстот е објавен на 13-ти мај 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 828

Пишувала
Ана ПАНОВСКА

Еј, Никола, Никола, те копка гледам и тебе Преродбата. Те буни нешто. Не ни оди живеачката, ама баш ич. Галиба, тие, чекорите, ќе да се проблемот. Што е право, твојот имењак никогаш не ни рече дека стоте чекори се за нанапред. А, и ти и јас знаеме кога живееле славните Преродбеници, точно пред повеќе од 100 чекори. Еден чекор, година!

Е, тука цело време ме јаде некоја јанѕа: врската на оваа петгодишна Преродба со Преродбата од пред сто години, времето кога се немало држава Македонија, време кога обичните неписмени луѓе само страдале, пееле и сонувале за неа, ербап време, комитско и време кога малкуте учени луѓе, преродбеници, главно, пишувале и ги молеле и првиве, и вториве, да се клаат на ум и учење, за да ја биде Македонија. Нејасно , свирепо време на сиромаштија, време без пријатели, време на пизма, време на Преродба!

Се сеќаваш ли, Никола,  на првата партија на Ромите во Македонија, ПЦЕРМ (Партија за целосна еманципација на Ромите во Македонија)? Се сеќавате ли, луѓе, на Фаик Абди, претседателот, а и пратеник во првиот парламент. Очиклен човек, кој, покрај другото, упорно ја туркаше идејата за воведувањето емисија на ромски јазик на Македонската телевизија. Одлуката падна. Ќе се прави емисија.

Партијата на Абди е најзаслужна, ама, политичар си е политичар. Тој сака реклама на партијата и си сака емисијата да се вика „Емисија за целосна еманципација на Ромите во Македонија“. – А, не може! -Ама мора! – Никако! И така со денови, во полната канцеларија на одговорниот уредник.

– А, бре, луѓе, не личи толку долг наслов за објавување во весник. Како ќе биде: „Во 15 часот и 30 минути – емисија за целосна…“. Дајте некој краток збор на ромски јазик што звучи добро и, еве, нека ја содржи и поентата на вашата партиска програма. Се редат имиња, возвишени. Велат, ние Ромите сме многу стар народ, не има насекаде во светот, со свој јазик и силен идентитет, но сѐ уште живееме заостанато, мораме  да се еманципираме, мораме да се свртиме кон просветата.

И, клик – ПРЕРОДБА! Како се вели овој збор на ромски? БИЈАНДИПЕ! Бинго! Емисијата ќе се вика Бијандипе. Наздравивме за кумството, тргна Бијандипе, емисијата на ромски јазик, која и натаму е дел од програмската шема на МТВ, и за која, верувам, дека барем донекаде помогна во еманципацијата на Ромите!

Велам донекаде, зашто положбата на Ромите кај нас е и натаму катастрофална, како впрочем и на оние другите, кои понежно или погрубо се туркаат во првите редови, одржувајќи ја илузијата дека се нешто посебно. Не, бе, ич не се посебни, вклучувајќи ме и мене, само, ете, поблиску сме до славинчето, па место да бегаме во Европа со скапани „џамаданче“ автобуси,  си бегаме со „каравелче“. Толку.

Некако сите како да се со мисла за бегање. И учени, и недоучени, и богати, и сиромаси. И Роми, и Македонци, Турци и Албанци. Да се чудиш. Бегаме од нашава мила Македонија, главечки. Не, Никола, не ни е тоа во крвта, како што не им е тоа во крвта ни на Ромите, кои, ете, сакале слободија, сакале да талкаат со песни и танци низ светов, да не работат ништо и да мислат само од денес за утре!

Шетам по Мијачијана и домаќините ми објаснуваат: Ова е македонско село, ова албанско, а во овој крај живеат Торбеши. Празни куќи, имоти. Кај се, бре, луѓево? Да прекрши сонцево, старите ќе излезат и ќе седнат пред порта, а младите, се знае – џенем, по Шведски, Белгии, Австралии.

Место не ги држи, исто како Ромите. А, Ромите, како што се бистри, попрви го прочитаа мнозинскиот, македонскиот народ, односно неговите избраници, и сфатија дека со вакво Бијандипе, еманципација не бидува, ни нивна, ниту на било кој во оваа држава.

Му се чудам затоа на Руфи Османи, чесен, умен човек, чиниш за напред гледа, а и тој се врти назад, па – чап, се фаќа за Рилиндија (Преродба, Бијандипе). Е, оти, бе, машко, зар не виде што носи Преродбата?! Ширина и видокруг – колку едно нокте, колку главното скопско  плоштатче од 2014, а во него се набутано: и урка и вретено, и плажиче, и спомениче и „колос са Родоса“ цела античка Македонија и цела Отоманска империја!

А, Европа, каде е? Надвор, на слобода. Не знам, Никола, дали се сеќаваш на една продавница на скопската улица Максим Горки, блиску до плоштадот Македонија, што се викаше Преродба. т.е. Препород. Во излогот имаше рачно изработени фигурки од дрво, мермерни статуички, изрезбарени шаховски фигури, везени чаршафи, народни носии на кукли… Можеби не си знаел, ама повозрасните скопјани знаат дека тоа беше продавницата на затворот Идризово. Затворските власти ја имаа таа Преродба, продавница во која се продаваа ракотворбите на затворениците, за ем тие да се чувствуваат дека, иако се в затвор, сепак нешто вредат, а и за во затворската каса да капне по некој денар!

Милина, исто како нашава Преродба, за чиј сјај и натрупаност сите вредно ракотвориме, од улица Македонија, преку плоштадот Македонија, па се до наколните живеалишта на Охридското езеро. Цела Македонија. Иста беда и збирштија како во излогот на  дуќанот Преродба на Максим Горки, кој на љубопитното дете, залепено со носот на стаклото, му се чинело џиџе, иако му било чудно што возрасните го одбегнувале и не застанувале пред него. Сега знам дека им било шубе да купуваат предмети сработени од затвореници.

Море, прво нека се „преродат“ нека се превоспитаат, нека си платат за злоделата, какви и да се. Сега, Никола, сигурно се прашуваш што злодело направи овој македонски народ, па одново да се преродува? Па, направи држава, бе! Македонија! Ти текнува?

П.С: За славните Преродбеници од крајот на 19 и почетокот на 20 век, и натаму ќе останат нашата најдлабоката почит и восхит. Дотолку повеќе  што тие скромни, умни и мачни луѓе, самите себеси не си се нарекувале Преродбеници. Нив, подоцна, историјата, науката и духовноста на македонскиот народ ги нарекле Преродбеници, според големината на нивното возвишено  дело!

Поврзани новости