-Судијата за претходна постапка правилно утврдил дека за издвоените аудио записи не постојат предлог мерки согласно Зaконот за кривична постапка (ЗКП), ниту пак постојат наредби за следење на комуникациите. Во таа смисла жалбите на обвинителите се неосновани, дека ваквите снимки се користени како индиции, а не како доказ во постапката од причина што ЗКП не познава поим „индиција“ во смисла во која го употребува обвинителството. Секоја индиција како степен на сомнение по принципот на легалитет треба да се заснова на факт или доказ, а по начинот на прибавување да биде согласно со закон, стои во одлуката на Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1, а се однесува на издвојувањето на „бомбите“ од предметот.
Дополнително, судиите сметаат дека обвинителите немаат законско право да водат постапка врз основа на доставени докази со кривична пријава прибавени на незаконит начин, а Јавниот обвинител во жалбените наводи на ваквите докази да им даде третман на индиции.
Во одлуката на Советот се наведува и тоа дека некои од обвинетите, без да се прецизира кои, биле на испитување во Јавното обвинителство. Им биле предочувани снимки и транскрипити.
Кривичниот совет проценил дека како аргумент не може да се користи одлуката на Европскиот суд за човекови права затоа што со пресудата Шенк против Швајцарија е нарушена приватноста на едно лице, додека во случајов станува збор за масовно прислушување. Иако во случајот на Шенк судот прифатил дека јавниот интерес е над приватниот, сепак со масовноста на прислушувањето во Македонија можело да се наруши владеењето на правото, а да се загрози и безбедноста и државните институции.
Советот во одлуката нотирал дека судијата на претходна постапка имал законска можност да постапува и тоа не значи дека во иднина обвинителите се спречени да прибавуваат докази и да истражуваат. Ова особено се однесува на специјалните обвинители кои од понеделник започнуваат со работа.
-Доказите се прибавени на незаконит начин и се ставени во посебна обвивка и се чуваат кај судија на претходна постапка. Тие се издвоени од другите списи на судот и не може да се разгледуваат ниту да се користат во постапка, ниту врз нив може да се заснова судска одлука, стои во одлуката.
Инаку судската тројка која одлучуваше е предводена од претседаелот на судот Владимир Панчевски, а како потписници се и судиите Сандра Крстиќ и Александар Милошески. Од СДСМ пред неколку дена најавија дека ваквата одлука би била преседан и дека судиите ќе одговараат.
Инаку случајот дојде на одлука во Кривичниот совет на скопска единица откако Апелација се прогласи за ненадлжена. А до нив жалби поднесоа јавните обвинители откако судија на претходна постапка донесе решение да ги издвои аудио снимките. Оваа одлука на Кривичниот совет е конечна, но не е пречка за Катица Јанева да започне со истрага и да обезбедува докази за кривичните дела кои произлегуваат токму од аудио снимките.