Што се случи со синот на Гоце Николовски: Најави музичка кариера, па се повлече од јавноста!

by Fokus

Кога ќе се спомне името на легендарниот фолк пејач Гоце Николовски, првата мисла на многумина веднаш им е ,,Бисер Балкански”, песната која ја обележа неговата кариера и која стана еден вид на неофицијална, народна химна.

Иако беше присутен на сцената со децении, токму „Бисер Балкански” му донесе најголема популарност во 1990 година, откако ја отпеа на Фолк Фест Валандово и го освои првото место, па дури и според песната, од народот Николовски беше нарекуван Балкански бисер. Истата беше прогласена за Песна на векот во Македонија, во 2000 година. За животот на Гоце, кој заврши трагично, со самоубиство на 58-годишна возраст во 2006 година, јавноста секогаш се интересирала.

Според податоците објавени во Википедија, токму неговиот син Александар го пронашол неговото безживотно тело, во нивниот дом во Скопје. Роден во Скопје, музичарот кариерата ја започнал на млади години во Ниш, каде што тогаш живеел. „Серенада”, „Приказна за Ангелина“, „Запејте сите ангели“, „Бисера“, „Песна од земја далечна“, се само дел од неговата ризница која ја остави зад себе, а поради големата популарност и рано завршениот живот, неговата публика пред десет години ја израдува веста дека неговиот син Александар ќе продолжи по неговите стапки и ќе започне да гради музичка кариера.

Најавата за новата надеж на музичката сцена дојде во 2012 година, шест години по смртта на Гоце, кога Александар се претстави пред публиката под името Сандро Николовски, и настапи на Охрид Фест. Ја отпеа и влезе во финале со песната ,,Што е среќа” за која текстот го напиша Маја Павловска, ќерка на Јован Павловски, кој е автор на текстот за ,,Бисер Балкански”, и со музика и аранжман на Александар Чекреџи.

Неговата појава го привлече вниманието на јавноста, и тогаш младиот Сандро ни изјави дека се надева како публиката ќе го прифати. Откри дека по професија е новинар, живее во Скопје, но порача и дека не сака да зборува за приватниот живот, туку е отворен за разговор за престојната музичка кариера и плановите на тоа поле. За неговиот татко Гоце, желба на целото семејство било да не се спомнува болната тема, и да се испочитува споменот на легендарниот музичар. Но, иако можеби народот очекуваше уште многу песни од Сандро, тој ненадејно се повлече од јавноста, и по учеството на Охрид Фест, не се појави повеќе на музичката сцена.

Околу тоа каде е денес и со што се занимава, може да се види единствено од објавите и фотографиите на социјалните профили на неговата мајка Весна, бидејќи тој не е активен на социјалните мрежи. Според она кое таа го објавува, тој многу патува и најверојатно работи на брод. Весна пак, и сестрата на Сандро, Катарина, живеат во Ниш.

Зошто синот на легендарниот пејач ја прекина музичката кариера на самиот почеток, и дали некогаш планира повторно да се врати на музиката, јавноста не доби одговор. Во неговото музичко портфолио засега останува само џез баладата ,,Што е среќа”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости