Што ѝ паѓа ДУИ на СДСМ, симпатија или симптоматија?!

by lali 12:56
12:56

ramadanСледењето на политичките случувања во земјата понекогаш не е до толку интересно или предизвикувачко за да биде човек ревносен и редовен следач. Тоа поради повторувањата и бајатостите во одредени епизоди. Ете овде по којзнае кој пат се повторуваат епизодите со прислушувањето, „последни будали“ обвинители и швајцарските сметки. Тогаш одеднаш луѓето присилени да ги следат случувањата, а сите засегнати на некој начин се присилени, почнуваат да наоѓаат посебни мотиви, ликови или карактеристики кои ќе ги следат, инаку другото, не ретко, е ептен бајато и однапред се знае: тлее прислушувањето, обвинителот молчи и не се дознаваат швајцарските сметки.

Поради тоа, таквиот следач на настаните се претвора во член на фамилија или околија, кој, затоа што сите ја гледаат одредена, некогаш шпанска сега турска серија, едноставно е присилен да гледа и да страда, за да биде во тек. А тоа е така затоа што понекогаш таквото друштво може да ти прости при муабет да не знаеш за Кјеркегор, Волт Витман или за Али Агџа, но никако ако не знаеш кој е Хурем Шах, Касандра или Али Риза?!

- Advertisements -

Еден од таквите методи за наоѓање дополнителен предизвик во следењето е да се посвети внимание на навидум помалку значајни карактери, ситуации или релации. По тој премер и калап, тоа сега и тука би било да се следи една интересна релација: на СДСМ кон ДУИ.

Објавувањето на разговорите за Сопот, необјавувањето за Смилковско езеро и неисполнувањето на Бадентер и рамковната квота во склоп на „Вистината за Македонија“ тера на размислување дека СДСМ е, најблаго кажано, резервирана кон ДУИ, а најмногу ѝ се надева. Од досегашните епизоди би можело да се каже само дека ДУИ сѐ уште е мажена и СДСМ, иако има и многу други млади кандидати за брак, го знае тој факт. Но, тоа е нешто што во малку покомплицирана шпанска или турска серија не претставува никаква пречка по некоја смрт или развод да се случи и тоа соединување.

Иако не можат да се откријат докрај намерите на СДСМ, тоа сега-засега сепак изгледа дека е само резервираност поради можноста ДУИ да биде потребна или употребена како помагало во текот на политичките преговори за конечна детронизација на Груевски. Ако се вратиме на љубовните маки и серии, тоа е однос налик на поведение кон некоја сериозна симпатија. При што, од страв и трепет што ќе кажат комшиите, пријателите и маалото и дека тоа би претставувало пречка, настапува една резервираност, која прави да не се поминува веќе кон таа улица. Таквата резервираност некогаш успева, но има и голем ризик по долг период на таква резервираност човек веќе да не се снаоѓа ни каде е таа улица, а и да не сети веќе на него симпатијата.

Поврзани новости