Од тесното раководство на Алтернатива очекувам кокретен и детален одговор на моите јавно искажани ставови околу владиниот договор и верувам дека ќе има позитивна разврска околу овие ставови кои се тесно поврзани со интересот на граѓаните и меѓуетничките односи, вели за Фокус пратеникот од оваа партија Скендер Реџепи-Зејд, кој не се појави на вчерашниот партиски Конгрес, на кој лидерот Африм Гаши доби втор мандат.
Како што посочува Реџепи, тој очекува „конкретен и детален одговор“ за неговиот став дека почетокот на разговорите со ЕУ не зависи од Владата ни од опозицијата, туку тоа зависи од моментот кога под меѓународен притисок бугарските власти ќе се повлечат од, како што вели, неприродните услови дадени кон нашата земја.
Второ, тој очекува одговор и на ставот дека меѓународната комисија за непристрасна истрага за монтираните случаи, како и рамноправниот развој на Липковскиот регион, зависат од самите владини претставници на Алтернатива.
–Исходот зависи од сериозноста на нивната поставеност во владини седници во врска со овие точки. Верувам дека сериозно ќе се земаат во предвид овие ставови, оти начелно, покрај овие точки, и во овие тешки политички и екопомски моменти, Владата чекори во позитивен правец и нема да има потреба од било каква друга иницијатива – вели Реџепи.
Инаку, тој не се појави на вчерашниот Конгрес на Алтернатива, со објаснување дека тоа е принципиелна одлука, со оглед на неговиот став дека граѓаните заслужуваат одговори кога ќе се имплементира договорот меѓу Алтернатива и Владата.
Инаку, оваа партија стана дел од Владата на СДСМ и ДУИ откако БЕСА одлучи да го напушти парламентарното мнозинство и да се обиде да формира ново мнозинство со опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Левица.
На тој начин, власта дојде до мнозинство до 64 пратеници, меѓу кои е и Реџепи од Алтернатива, но тој не одговара на прашањето дали неговите забелешки до партиското раководство на чело со Гаши ќе влијаат врз неговата позиција и однесување во самото мнозинство.
В.С.