Што кажа Ковачевски на Солунскиот самит?

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите на државите и владите на земјите членки во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, денеска во Солун учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Со Самитот претседаваше премиерот на Грција, Кирјaкос Мицотакис, а на високо ниво учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски потенцираше дека трите клучни приоритети за нашата земја во овој период на најголема Светска криза по Втората Светска војна, се реализацијата на енергетските проекти, регионалната соработка, како и од неопходноста од интеграција на Северна Македонија во ЕУ.

Во однос на светската енергетска криза и растот на цените како резултат на воената агресија врз Украина, премиерот Ковачевски посочи дека глобалните последици кои ги чувствува целиот свет бараат итна заедничка координација преку платформи како што е ПСЈИЕ.

-Северна Македонија започна значајни проекти за енергетска транзиција и инвестиции во обновлива енергија. Покрај двете стратешки инвестиции во обновливи извори на енергија во нашата земја на германска и француска компанија, сакам да го потенцирам постигнатиот договор за соработка за реализација на изградба на гасниот терминал и гасната централа во Александропули, каде неодамна започна изградбата – истакна Ковачевски.

Во однос на важноста од регионалната соработка премиерот Ковачевски подвлече дека Северна Македонија е целосно посветена на регионалната интеграција преку политички, економски и безбедносни иницијативи и целосно ја поддржуваме поблиската економска интеграција.

-На Самитот на Отворен Балкан бев домаќин оваа среда во Охрид заедно со претседателот Вучиќ и премиерот Рама, а се приклучија и премиерот Абазовиќ и претседавачот на советот на министри на Босна и Херцеговина Тегелтија. И покрај тоа што се разновидни по својот состав и содржина, сепак, сите овие иницијативи се стремат да ни овозможат поголем економски раст што е клучен предуслов за стабилност и просперитет – рече Ковачевски.

Тој своето обраќање го заврши со важноста за нашиот пат за пристапување во ЕУ и ја потврди европската визија и перспектива.

Поврзани новости