Текстот е објавен на 15 октомври 2010-та во неделникот „Фокус“ во бројот 798
Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ
Сигурно знаете зошто во пеколот покрај казанот за Македонците нема стража. Затоа што секој што ќе се обиде да излезе, никако не успева во тоа, оти другите Македонци го влечат назад. Бездруго ви е позната и досетката за Македонецот, кому за сторено добро дело му било кажано дека ќе добие сѐ што ќе посака, но, да си знае дека што и да посака, комшијата ќе добие двојно повеќе, па нашиов за награда си одбрал да му го извадат едното око. Овие шеги, за жал, се многу илустративни и за денешницата. Кај нас се простува сѐ, само успехот не. Никако да сфатиме дека себичноста и лошотилакот ни се удираат секогаш од глава.
Минатиот петок бев гостин на дебатата, организирана од страна на Институтот отворено општество-Македонија и Македонскиот центар за европско образование. Темата беше – Македонија и ЕУ. Се слушнаа квалитетни тези, беа кажани доста вистини околу целиот процес на евроинтеграции на нашата земја. Се разбира, тезите беа презентирани со дипломатски зборови, но, според мене постои неопходност од многу поостар речник. Нашето општество се дави во очај и безизлезност, неопходен е брз и радикален пресврт во нашите глави, а потоа и во општеството. Вистината за сегашното секојдневие е премногу лоша, сурова… Едноставно, нашите граѓани заслужуваат да им се каже вистината в лице, без разлика колку и да не им се допаѓа, бидејќи за дел од овие состојби секој од нас има доза на лична вина!
ЦРНА ДУПКА НА БАЛКАНОТ
Пред дванаесет години, Бугарија беше во многу полоша економска состојба од нас. Во тоа време, јас студирав таму. Базирајќи се на тогашниот сооднос на стандардите, нашите сограѓани беа занесени дека сме многу напред пред нашиот сосед, па и на полето на ЕУ интеграциите. Навистина ми беше тешко да им објаснам на многу луѓе, кои никако не веруваа дека Бугарија е десет години пред нас во европроцесите. Денес, пак, тоа е реалност со која целосно сме помирени!
Зошто е тоа така?
Проблем број еден: Премногу сме самобендисани како народ. Сѐ уште се мислиме за посебни, дека другите се должни да ни ги решаваат проблемите. Никој искрено не се запрашува каде згрешивме, каде е проблемот, не со цел да се обвини некој, не со цел да се поентира на некој прес… Едноставно, треба да се поучиме од грешките, да излеземе од заблудите, да погледнеме реално кај сме и колку е лоша состојбата во општеството!
Проблем број два: Сакаме да бегаме од реалноста. Сѐ уште не постои доволно храброст за да им се погледне директно на проблемите в очи. Мора, значи, под итно да се фрлат очилата со искривен диоптер. Важно е да се соземеме и да најдеме начин како да излеземе од несаканата состојба, во која влеговме токму поради секојдневните искривувања на вистината, бегањето од реалноста и политиката ден за ден!
Проблем број три: Немаме државна стратегија. Дваесет години независност, а немаме национална стратегија која ќе ги трасира патиштата на развој во сите области. Таа национална стратегија мора да биде прифатена од сите политички партии, а секоја нова влада да биде должна да го продолжи истиот зацртан курс. Сѐ уште, секоја влада целосно го отфрла сработеното од претходната, и почнува секогаш од нула, креирајќи си сопствени политики, без никакви гаранции за плаќање на грешката доколку се згреши во политиките. Време е за будење, ако ја погледнеме реално состојбата, ќе сфатиме дека лека-полека се претвораме во црна дупка на Балканот во речиси секој поглед. Е, кога конечно ќе сфатиме дека немаме перспективи и иднина, мораме да почнеме да размислуваме за реална платформа за излез од политичката и социолошката бездна!
Проблем број четири: Нашите реални шанси за влез во ЕУ се со едноцифрен процент, оти проблемот со името никогаш не бил покомпликуван за решавање во последниве четири години. Имаме парадоксална ситуација во која главен проблем за влез во и ЕУ го имаме проблемот со името, а на тоа поле не правиме ништо. Наместо сите сили да се насочат во зајакнување на дипломатските капацитети на државата, се кратат пари за дипломатијата, имаме непополнети места, неиспратени конзули… Башка, наместо да ја смируваме топката, ние правиме дополнителни проблеми со секојдневни дразнења на Грците!?
Мое лично мислење е дека проблемот со името намерно се актуелизираше до највисок степен, и тензиите со Грција дојдоа до точка на вриење, со цел наше оддалечување од ЕУ, кое одговара на сегашната, а и на сите власти до сега воопшто. Толку сме оддалечени од ЕУ што веќе слободно можам да кажам дека и Србија ќе влезе пред нас минимум пет до десет години во ЕУ!
Проблем број пет: Меѓународната заедница веќе крева раце од нас. Веќе три години, високите меѓународни дипломати при секоја балканска посета немаат време за посета на Македонија. Ова е тешката и жалната порака дека светот кренал раце од нас, па, без разлика што територијално сме дел од Европа, оставени сме сами на себе!
Проблем број шест: Невладеење на правото. Никогаш во земјата не постоел правен хаос како денеска, се косат закони со закони, многу закони паѓаат на уставен суд, се носат неприменливи закони, а и оние што се применливи не се имплементираат целосно. Владеењето на правото е селективно, постои висок степен на корупција во судството, низок степен на професионалност. Последните четири години беа направени козметички или минимум реформи во судството!
Проблем број седум: Масовна хипноза на населението. Постојано се претставуваат успеси, реформи, достигнувања… а, кога ќе чепнете малку подлабоко, ќе ја видите сета беда на гнилата реалност. Интензивно се градат спортски сали и објекти, а законски не се решени состојбите на спортските клубови, кои сѐ уште се водат како здруженија на граѓани, и ништо не е направено да се расчисти со криминалот во спортот!
Се одобрија сто милиони евра за земјоделието, се разбира од парите на граѓаните, а земјоделците тие бенефити многу слабо ги чувствуваат, па состојбата во земјоделието и натаму останува катастрофална. Бројот на невработени се намалува, меѓутоа, ако погледнеме поубаво, ќе видиме дека бројот воопшто не е намален, доколку не се земат предвид програмите за самовработување, кои излегуваат кредитирања со највисоката камата досега, а исто така и преку најразлични програми и досетки, цифрата се намалува само фиктивно!
ГЛУПОСТИТЕ СТАНАА НОРМАЛНА РАБОТА!?
Ако ја земеме Програмата во сто чекори, и да анализираме чекор по чекор, ќе видиме многу висок процент на реализирани ветувања. Тоа се потврдува и со рекламата на владата за сработената работа. Но, има еден голем проблем. Реализирани се ситните проекти кои не носат многу пари, а оставаат простор за секојдневни сечења на ленти. Се прави лажен впечаток дека секојдневно се реформираме, преродуваме..!
Проблем број осум: Менталитетот на граѓаните. Во сите земји во југоисточна Европа, граѓаните со свој труд дојдоа до демократијата, и оставија аманет до секоја власт дека имаат кичма, за никој да не може да си поигрува со нив. Кај нас, пак, народот сѐ уште дозволува да биде манипулиран, не си ги знае правата и моќта. На сите анкети, премиерот води двојно од второпласираниот, а енормно висок процент на граѓани признаваат дека никогаш не живееле полошо од сега!? Голем процент од народот е тотално неодговорен, наивен, имаме висок процент на патриоти од интерес, се земаат партиски книшки само поради вработување..!
На 11 октомври седев со еден пријател, стар вмровец. Човекот е активист од деведесеттата година. Седиме, пиеме кафе, и човеков не може да се изачуди и да си одговори на дилемата: Дали е пресилна пропагандната моќ на Никола Груевски или проблемот е во нашиот менталитет? Се присетува, како во деведесеттите секојдневно се карал со татко му, бидејки татко му бил чист Југословен, не сакал ни да слушне за независна Македонија, а нашиов вмровец со чисто срце и душа го поддржувал Љупчо Георгиевски во неговите идеи за независна Македонија. Човеков не може да се изначуди, како денес татко му е дојден до степен на патриотизам главата да ја даде, ама името по никоја цена не го „дава“!?
Човекот кој пред дваесет години не сакал да слушне за независна Македонија и отворено бил за Југославија, сега наеднаш се претвора во патриот кој за државата за која не сакал да чуе, сега не државата, а бе името не ѝ го дава. А сигурно денеска барем тој, живее многу полошо отколку пред дваесет години!
Проблем број девет: Недостигаат креативни и државотворни политичари и политички партии. Народот, нели, каков-таков, наш си е, со сите мани и предности. Политичарите земат плата да го водат по вистинскиот пат, а за тоа, покрај знаењето, не е потребно ништо друго освен чесни и искрени намери. Но, педесет проценти од граѓаните не веруваат во никого. Искрено, оваа цифра ми дава голема надеж, бидејќи дава јасна порака дека кај најголемиот дел од граѓаните повеќе не проаѓаат транзициските финти и ефтините популистички трикови. Оваа цифра е сигурен коректор и тежок шамар за сите политички партии и политичари во моментов!
Токму овие педесет проценти може да бидат одлучувачкиот фактор за иднината на нашата земја, но, и иницијална каписла за сериозни општествени промени. Токму половина од граѓаните или повеќе од еден милион се доволно изнагледани на ветувањата и на едните и на другите. Многу добро знаат дека до сега сите влегоа во политиката само за личен интерес, што финансиски, што за кариери.
Но, сите имаат еден заеднички именител – проблемите ги ставаат под тепих, за да ги решава некој друг, во иднина. Меѓутоа, токму од водењето на таквите политики, под тепихот нема повеќе место, натрупани се огромен број на проблеми. Истите тие проблеми од кои се бегало две децении веќе почнуваат да смрдат, да тежат на грбот на граѓаните. Освен натрупаните проблеми во општеството, немаме алтернатива на меѓународен план, односно секојдневно сме подалеку од НАТО и ЕУ!
Како резултат на овие состојби, постои огромна разочараност, апатија, недоверба… Но, недовербата во ниту една политичка партија не ни помага сама од себе. Истата таа недоверба може и сосема спротивно да се протолкува, може да стане иницијална каписла за дораспаѓање на општествените вредности, па и на самото општество. Многу лош сигнал е што скоро сите се помирени со сивилото кое ни е секојдневие, им станува нормална секоја глупост, секој гаф, секој пропуст на институциите или пак нефункционирањето на државните институции!
НЕ ТРЕБА ДА СЕ ИЗМИСЛУВА ТОПЛА ВОДА
Бизнисмените си сфатија дека доцнењата со поврат на ДДВ и неплаќањето навреме за сработеното од страна на државата е нешто најнормално. Општеството се помирува со фактот дека корупцијата е секојдневие, професорите се помирија дека политиката е влезена во образованието и се туркаат кој прв да баци рака на власта. Судиите и обвинителите сфатија дека мора целосно да соработуваат со власта за да опстојат. Дури и граѓанскиот сектор, односно невладините организации, здруженијата на граѓани, сфатија дека формула за успех е нивното обојување, независно дали црвено или сино!
Значи, се наоѓаме пред голема раскрсница и од нас самите зависи по кој пат ќе продолжиме. Во државата има повеќе од две илјади искрени, чесни, професионалци, кои немале шанса да бидат дел од некоја политичка партија или пак самите не сакале. Во државата има искрени и чесни професионалци и во политичките партии, но, истите се маргинализирани. На Македонија ѝ се потребни итни реформи, зајакнување на капацитетите на сите институции. Доброто е што не мора да се измислува топла вода, туку буквално да почнат да се применуваат ЕУ препораките.
Со интензивно зајакнување на капацитетите на институциите, ќе почне да функционира системот, државата. Но, за соочување со проблемите, за нивно вадење од под дваесетгодишниот тепих, потребни се храбри, искрени и чесни луѓе. А, во бројката од две илјади, убеден сум дека за реформите на секоја институција постојат по десетина професионалци. Предноста е што огромен број на тие професионалци веќе се во државните институции, меѓутоа, во интерес на политиката се маргинализирани, отфрлени, или пак се употребуваат кога ќе загусти.
Како и да е, затвореноста за квалитетни кадри на двете најголеми политички партии, може да се искористи од некоја трета опција, која несомнено сега има историска шанса. А шансата е транспарентно отворање, и отворен повик до сите квалитетни кадри во државата. Мора да им се даде еднаква шанса на сите кадри да подготват проекти за развој и имплементација на европските стандарди за секоја институција!
Во истите тие проекти, задолжително да се разгледаат сите проблеми на граѓаните од соодветната област, и да се предложат решенија за надминување на истите. Со реален избор да се даде шанса на најдобрите да го заземат третиот ешалон од власта, односно, директорските места на државните институции!
Секоја влада ја водат политичарите, и нормално тие ги креираат политиките, но државотворниот капацитет се мери по квалитетот на извршителите на политиките, односно на директорите. Во Република Македонија постојат околу сто и дваесет клучни директорски места кои се носители на најразлични реформски процеси. Било која политичка опција која ќе понуди тим од по тројца експерти за сите тие места, односно излезе со тим од триста и педесет истакнати професионалци, сигурно ќе добие убедлива победа на следните избори. Бидејќи избори се добиваат со реална и квалитетна програма, но и гаранција за исполнување на програмата. А гаранцијата е во изобилието од кадри кои имаат капацитет да ги спроведат политиките и реформите!
Граѓаните сигурно нема да го дадат гласот на „жими мајка“, веќе се печени, та препечени. Сакаат да видат успешна приказна, сакаат да видат нови лица, чесни, докажани во својата професија, кои биле скромни, а партиите до сега не им ја дале вистинската шанса. Граѓаните дадоа јасна порака, не им се допаѓаат денешните лица во политиката. Ако се појави нова отворена опција, веројатно ќе ја подржат. Доколку не видат сериозност, конструктивност, платформа, тим, надеж… тогаш веројатно нема ни да излезат на гласање!
Власта се презема конструктивно, со знаење, со платформа, со гаранции за исполнувањето на платформата, а не со митинзи и слични методи кои се веќе видени работи, од кои на повеќе од еден милион македонски граѓани веќе им е смачено!