Дали зад љубовта меѓу Груевски и Ахмети стои Белград на Слободан Милошевиќ?

by Фокус 13:00
13:00

Текстот е објавен на 15 октомври 2010-та во неделникот „Фокус“ во бројот 798. Првиот дел од анализата можете да го прочитате на овој линк.

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

- Advertisements -

На почетокот беше Инструкторот и факсимилот за неговото преземање од страна на српските разузнавачки служби кон крајот на 1996 година. Малку подоцна, од минатата недела, се запознавме со Стрелецот и Мама. Денес пред себе имаме уште грст копии од микрофилмуваното досие на Ујка – Дрим, кое го открива и неговиот близок роднина, како уште еден соработник на службите од бившата СФРЈ. Се чини дека последниов е со најголема специфична тежина од квартетот „шпиони“ во највисокото водство на ДУИ. Во наводници, секако, оти сѐ уште не е извршена „верификација на фактите“ од надлежната ни комисија за божемна лустрација!

„ЗАДЊА ПОШТА – БЕОГРАД“!

Имено, посочениот Стрелец бил во надлежност на Службата за државна безбедност при Сојузниот секретаријат за внатрешни работи (СДБ на ССВР) на бившата држава. Мама одработувал за Секторот за информирање и документирање при Сојузниот секретаријат за надворешни работи (СИД при ССНР) и Генералштабот на Сојузниот секретаријат за народна одбрана (ГШ на ССНО). Ујка – Дрим, пак, бил најагилен од сите. Со неговите извештаи се развеселувале во СДБ на Србија, плус СДБ при ССВР, ем контролниот СИД при ССНР!

Сите тројца дале лична изјава за прифаќање на соработката со наведените служби. Стрелецот е во погон од далечната 1979 година, на 37-годишна возраст. Мама се разработила од 1984-та, на 25-годишна возраст. Ујка – Дрим почнал да печали од 1977-та, со неполни 32 години. Доколку сево ова е точно, тогаш најнадежен бил неговиот близок роднина, кој веројатно е заврбуван од Дрим во 1980-та, на 21 година под псевдонимот Ибар. Сите тие биле солидно плаќани за извршените услуги. Покрај наградите за вонредни достигнувања, посочениот Ујка – Дрим стасал до респектабилен месечен паушал од 8.000 германски марки кон крајот на 1989-та година, кој бил редовно исплаќан во југословенски конзулат на тогашната Сојузна Република Германија!

Дрим бил мошне вреден соработник. Доколку документите се точни, тогаш тој испратил речиси 600 извештаи до своите работодавачи, уште кога СФРЈ сѐ уште била во релативно добра здравствена кондиција. Во 1989-та добил пасош со адреса во Белград, а две години подоцна му биле признаени и 14 години и 8 месеци соработнички стаж од српската СДБ. Веројатно заради неговата енергичност во работата, наведениот стаж бил впишан на име на работен однос во загрепска ИНА!

Со оглед на нивниот статус на привремено вработени во странство и честите шетања на нашиве „јунаци“ на релацијата: Македонија – Косово – Словенија – Австрија – Германија – Швајцарија, сите нивни активности биле предмет на взаемно запознавање меѓу нивните работодавачи. Така, на пример, сретнуваме информација дека сојузните служби ги споделувале сознанијата за нив со колегите од Словенија, Косово, Македонија и пред сѐ Србија. Стрелецот делувал на домашен терен, меѓутоа, сите заедно на крајот на Југославија завршуваат на врска со Службата за државна безбедност на Србија. Од она што го имаме пред себе, не гледаме дека македонската служба била сериозно есапена. Како и косовската, впрочем, со која биле викани во моментите кога требало да ги заштитат соработниците од евентуални сомнежи или конечна провала. Оттаму, сосема логично е дека вистинската адреса за комплетните досиеја на споменатиот квартет е Белград. Знаејќи ги односите во бившата држава, тешко може да се поверува дека Србија се откажала од ексклузивното право на најдоверливите информации за сето она што се нарекуваше и гонеше како албански национализам, сепаратизам и иредентизам!

„ТРН“ ЗА АЛБАНЦИТЕ И ХРВАТИТЕ

Службите на сега веќе растурената СФРЈ беа посебно ангажирани во емигрантските кругови, составени од Албанци, Хрвати, Срби, Македонци… на привремен или постојан престој во странство. Југославија беше посебно чувствителна на нејзиниот имиџ во светот, кој се нарушуваше од акциите на непријателски кон неа настроените емигрантски друштва. Во тој контекст е значајна соработката меѓу емигрантите Албанци и Хрвати, кои често пати дејствуваат заеднички на рушењето на СФРЈ.

Од документите, на пример, дознаваме за нивни заеднички демонстрации во Швајцарија и Германија, за Денот на албанското знаме. Но, како службите ги дознавале сите тие работи, заклучно со подробните описи на карактерите на најекспонираните емигранти, сѐ до сексуалните апетити на некоја од нивните сопруги?

Се разбира, за тоа служеле вредните соработници на југословенските разузнавачки служби во туѓите редови. Кој знае колку Дримови имало меѓу емигрантите од сите наши некогашни народи и народности, вклучително и албанската. Тие бил остар трн во нивните стапала. Токму така, како – ТРН, е крстена една акција на „нашиве јунаци“ кон крајот на 1989-та во Штутгард, кога тие до нивните работодавачи го испорачале идентитетот на преку 100 припадници на „усташко-шиптарската емиграција за кои Службата немала податоци дека делуваат непријателски“!

За да се заработат илјадниците германски марки месечен паушал, соработниците на Службата организирале фрлање на солзавец среде демонстрантите, кои се нашле во небрано, па над 60-мина морале да побараат лекарска помош. Тоа, нормално, била ризична работа. Усташките емигранти се посомневале во нивните албански пријатели, па почнале да ги сомничат за доушништво со СДБ.

Но, и за таа болка имало билка. Двоецот Дрим-Ибар бил испраксиран и во контрапропагандното дејствување, па успеале вината да ја префрлат на други Албанци, кои од германската полиција биле осомничени за соработка со југословенските служби!

Слична операција била спроведена и после физичката елиминација на група важни албански емигранти. Соработнициве ги доставиле информациите за нивното движење, тие ја завршиле работата, а за кодошењето осомничиле сосема шестти лица. Како успевале во сето тоа? Со многу мака и помош од газдите во Белград, но, бездруго и со доброто глумење на големи патриоти со „неверојатен нос“ за божемно откривање на агентите од Југославија во нивните редови!

Некој денес може да каже дека овие луѓе навистина се јунаци, оти, ете, успевале да ги оневозможуваат албанските националисти, меѓутоа, таквите треба да знаат дека лудилото на службите во СФРЈ стигна до таму што во 80-тите години од минатиот век, за албански национализам се сметаше и давањето имиња на албанските бебиња вон законски определената листа. Зошто Арбен, на пример, кога Југослав звучи ептен „братство-единствено“!?

Конечно, пред багерот на борците против албанскиот иредентизам се најдоа и високите огради околу албанските куќи. Што мислите, на колку Албанци им се смачила самата помисла да живеат во Југославија, од толку многу „посветените“ и заштитници? Колкумина Албанци со сила се направени непријатели на секоја помисла за соживот и со нивните комшии Македонци?

ПОД ТУЃО ЗНАМЕ

На Албанците бездруго не треба многу да им се објаснува штетното влијание на евентуалниве српски шпиони во нивните работи. Остануваме, значи, ние – Македонците, кои треба да си го поставиме барем логичното прашање: Каква верба треба да се има во луѓе, кои можеби за пари си ги предавале своите браќа по вера и нација? Ако некогаш, во бившата држава, Македонија морала да ги следи замислите на Србија во однос на Албанците, дали и денес може да се однесува така, без да наштети на своите интереси? Времето после распадот на СФРЈ, на најдобар начин покажа дека српските интереси се спротивставуваат на македонските во однос на албанското прашање. Особено илустративен е примерот од 1999-та, кога Милошевиќ сакаше да ја вовлече и Македонија во неговиот судир со НАТО, преку протерувањето на 350.000 Албанци кон нашите граници!

Конечно, да одиме натаму, кон кобната 2001 година, кога никој не можеше ни да помисли на вооружен бунт од албанска страна. Потсетете се, тоа е времето кога опозицијата го обвинуваше Георгиевски за делење на земјата по етничка линија со Џафери. Таман започна позначајното вклучување на Албанците во македонските државни институции, кога – БУМ, Љубчовите Промени беа прекинати со оружјето на „големите Албанци кои веќе не можеле да го трпат славјанскиот терор“!? Претходно, кон крајот на 2000-та, Албанците запукаа и на југот на Србија. Зошто, кога Милошевиќ беше таман срушен, а новата демократска власт во Белград не беше ни седната зад кормилото!?

Очигледно, овие албански операции беа против нивните интереси. Тие го ставија допрва избраниот Ѓинѓиќ во скутот на разузнувачките служби на Милошевиќ, кои не само што не беа демонтирани, туку продолжија да функционираат под закрилата на Коштуница. Кој, впрочем, во Србија и би ги демонтирал, кога, ете, на Албанците не им е доволно само Косово, туку удрија и на српскиот југ, а, богами, и врз питомите Македонци!?

На крајот, овие албански „херои“ направија тројна штета за интересите на сите Албанци во регионот. Прво, го закочија демократското преуредување на Србија, без кое нема нормализирање на српско-албанските односи. Второ, сосема непотребно направија непријатели и од Македонците во подолг период. И, трето, го успорија признавањето на Косово, кое, наместо предвидените 3 години после Кумановскиот договор од 1999-та, се случи во 2008-та и се соочува со огромни проблеми до ден-денешен!

Кому, тогаш, му послужи нивниот „патриотизам“? Се разбира, на српските разузнавачки служби од времето на Милошевиќ, кои купуваа време во битката за Косово, но, и во битката за задржување на власта под палката на Коштуница, насочена против демократските промени на Ѓинѓиќ. Нормално, нивната цел остана непроменета и кон Македонија. Македонците требаше да се држат во постојан страв од Албанците, за спасот да го гледаат во Белград. Очигледно, успеаја во тоа. Скопје не помни дека жените-вмровки било кога порано пееле песни за Косовската битка крај Вардарот, како што пееја лани на нивната партиска прослава!

Кој го, значи, направи тоа, мили браќа ем лични другари? Доколку нашиве досиеја за челниците на ДУИ се точни, тогаш нема дилеми и за 2001-та. Во тој случај, сам по себе се наметнува и заклучокот, дека зад ненадејно родената љубов меѓу Груевски и Ахмети стојат инсталациите на Белград во Скопје од времето на Слободан Милошевиќ.

Како може поинаку да се објасни и односот на Комисијата за лустрација, која не пројави никаков интерес за доставување на „оригиналите“ од наша страна, објавени во минатиот број, кои ги откриваат имињата на нивните можни клиенти!? Навистина, какво е тоа ВМРО, кое не пројавува елементарна љубопитност пред евентуалната можност за откривање на вистината за 2001-та!? Оние што до вчера се колнеа дека нема ни да се ракуваат со терористите на ОНА, денес за жива глава не го даваат ниту единствениот пратеник на ДУИ, осомничен од „лустраторите“ за соработка со српските служби!?

Премногу чуденки, богати, ем прашалници, за толку „големи македонски патриоти“!

Поврзани новости