Што има Тетово, а го нема Скопје?

by Фокус

Да се биде себичен во Тетово е елементарна грешка. Ќе покажат со прст на тебе, ќе те екскомуницираат зашто другите ја креваат лествицата. Тука и обичните граѓани се одѕиваат на фејсбук-повици на инфлуенсерите за прибирање помош.

Пишува: Линдита КАДРИУ

Што има Тетово, а што нема Скопје? Има поголема заедница на албански интелектуалци, уметници и претприемачи. Тука живеат повеќе научници, писатели, сликари, театарски и филмски актери, дизајнери и архитекти.

Овие вљубеници во професијата и во животот прават ритуал од обичното кафепиење. На пример, утринска средба со нив е добар показател како потоа ќе ти врви денот.

Бидејќи енергијата, и позитивна, и негативна, е заразна. Ние, и несакајќи ги присвојуваме гледиштата и вредностите на пријателите, како и нивното интерпретирање на настаните.

Јас, уметниците најмногу ги запознав преку љубовта и бракот со уметник. По разводот, заедничките другари обично заземаат страна. Со едниот се или со другиот, но, за среќа, пријателите останаа истите, животен капитал.

Во Тетово имам секојдневна можност да се видам со нив, да ги слушам како страсно прикажуваат за своите професионални дилеми и успеси, патем муабетења за феномените, кои стануваат живописни прекршувајќи се низ призмата на уметникот. Да ти е ќеф да излезеш во град.

НЕ МОЖЕ ДА СИ СЕБИЧЕН

Тука има најголема концентрација на претприемачи. Милионери, филантропи, малку поситни риби, кои успешно пливаат, отвораат работни места, помагаат сиромашни, студенти итн. Да се биде себичен во Тетово е елементарна грешка.

Ќе покажат со прст на тебе, ќе те екскомуницираат зашто другите ја креваат лествицата. Тука и обичните граѓани се одѕиваат на фејсбук-повици на инфлуенсерите за прибирање помош… од инвалидска количка и лекување, до купување стан или реновирање куќа.

Може да звучи надреално, но некогаш преку ноќ се собираат потребните средства. Ова не е карактеристика само на Тетово, но тука одекот е поголем, а имашливите побројни.

Што друго има градот во споредба со Скопје? Ја има Шарената џамија, архитектонски и сликарски бисер, со сплет на бои ентериерно и екстериерно и со рој туристи од земјата и странство.

Замислете го денот, не може да е лош, кога го отворам во чајџилница со поглед кон џамијата и паркот до неа, со столетни дабови, однегувана трева и цвеќиња.

Во Тетово постои Арабати баба теќе, монументална убавица, сета во зеленило, каде што би можел да ве пречека поглаварот на Бекташката заедница, лично.

ОКРЕПУВАЧКО БЕСЕДЕЊЕ

Теќе е одлична, да речеме, за појадок на трева, за окрепувачко беседење со некој од дервишкиот ред, следбеници на исламскиот мистицизам, познати по својата гостољубивост и благородништво.

Поддржувачи на уметноста, културата и уката, воопшто. Теќе си ги има своите проблеми, но ова е афирмативен текст за градот.

Градот под Шара ја има и Попова Шапка. Некогашен туристички центар, домаќин на југословенскиот Куп на Шара, денес со замандалени постари хотели, со грст нови, многу викендички, со жичарница од долу, која од поодамна не работи, но уредно се ветува на секои локални избори. Во Шара може да уживате главно во она што го дал Господ.

За помалку амбициозните го имаме Бањиче, нагорнина што тетовци го користат често за рекреативно пешачење. Има уредени патеки, клупи и кошници, а горе ресторани со пријатни уредувања и врвна услуга.

Овдешните келнери се ка’ една мајка да ги родила, фантастично брзи, услужливи, насмеани и срдечни. Од кафеанско искуство, и овде, и надвор, велам, неспоредливи се со другите колеги.

Еве уште една причина да се дојде и да се ужива во Тетово.

Поврзани новости