Што бара Трајанов од идниот мандатар?

Агенција за тешки облици на криминал, една наместо шест изборни единици, фонд за истражувачко новинарство, се дел од барањата на ДС при формирање на нова влада.

by Фокус

По изборот на Драган Ковачевски за нов лидер на СДСМ, тој, како што веќе објави Фокус, денес отпочнува серија поединечни средби со претставници на коалициските партнери во друштво на Зоран Заев, кој по повлекувањето од лидерската позиција се очекува наскоро да ја препушти и премиерската функција.

Во таа насока, двоецот Ковачевски-Заев денеска треба да се сретне и со пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој за Фокус вели дека ќе настапат со став нивните програмски приоритети да бидат дел од програмата за работа на идната влада.

Тој посочува дека ќе бараат реформи во правосудниот систем преку ревизија на работата на сите судии и обвинители, донесување Закон за повторување на постапката за монтираните судски процеси, реформа на Законот за кривична постапка, особено во делот на посебните истражни мерки итн.

Потоа, првиот човек на ДС истакнува дека ќе се залагаат за донесување на предлог-законот за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, детектирање на непријавен и скриен имот на носители на јавни функции, конфискација на имотот стекнат на криминален начин, формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал.

Исто така, најавува дека ќе го покренат и прашањето за реформа на изборното законодавство преку интервентни измени на постојниот Изборен закон најдоцна до средината на следниот месец, со што, според него, наместо сегашните 6 треба да се воведе една изборна единица, со пропорционален модел и без изборен праг.

Воедно, бара новинарите да не може да одговараат за објавување службена, деловна или воена тајна, доколку пренесената информацијата содржи јавен интерес, како и да се формира Фонд за истражувачко новинарство и за борба против лажните вести во износ од 1,5 милиони евра од буџетот.

Покрај него, и првите луѓе на ЛДП и ДОМ, Горан Милевски и Маја Морачанин, најавија дека со нова платформа ќе влезат во преговори за нова влада, која, како што ни изјавија тие, ќе биде во насока на афирмирање на веќе договорени проекти, но и на сосема нови проекти.

ЛДП и ДОМ со нова платформа во преговори за нова влада

В.С.

Поврзани новости