Демократски сојуз поддржува 300 евра минимална плата

by fokus

Демократскиот сојуз го поддржува барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и ја охрабрува Владата што побрзо да донесе измени на Законот за минимална плата.

-Потсетуваме дека уште во јануари 2016 година, пратеникот и претседател на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, предложи измени на Законот за минимална плата во Република Македонија заради зголемување на минималната плата на 300 евра, но Собранието тогаш немаше разбирање за донесување вакви измени.
За Демократскиот сојуз отсекогаш врвен приоритет е подобрувањето на стандардот на граѓаните, како основен предуслов за раздвижување на сите позитивни процеси во државата, посебно на економскиот развој и зголемувањето на продуктивноста. Ниските плати не ги мотивираат вработените, негативно влијаат на продуктивноста, иновациите, поради што и младите и креативни кадри заминуваат во странство.
Потсетуваме дека потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство според пресметките на Сојузот на синдикатите достигна близу 35.000 денари или 570 евра, што е за 100 евра повеќе од просечната плата од 28.800 ден. Воедно сакаме дa ја актуализираме и потребата за утврдување и на минималната пензија од 200 евра, велат од ДС.

 

Поврзани новости