Директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија, Светислав Ѓорѓевиќ, вели дека се шпекулација тврдењата дека на депонијата Дрисла се уништува радиоактивен отпад. За порталот „Сакам да кажам“ Ѓорѓевиќ вели дека на оваа депонија нема услови за таков процес.
-Радиоактивен отпад не може да се уништи или да се гори, бидејќи за да се распадне со горење потребно е да се гори на многу високи температури. Кај нас нема услови за тоа и секое тврдење дека на Дрисла се гори радиоактивен отпад е шпекулација. Овој отпад може да се складира и да се чува додека самиот не се распадне, во зависност од периодот на полураспаѓање. Еден вид радиоактивен отпад се распаѓа за еден час, други пак за триесет години – вели Ѓорѓевиќ.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервју за ТВ24 изјави дека постојат индиции за незаконски активности на депонијата и за нелегално согорување на отпад, но од Дирекцијата велат дека до сега ниту од Градот, ниту од градоначалникот Шилегов не добиле никакво барање да се вклучат во испитување на случајот.
Претставникот на Град Скопје во управниот одбор на Дрисла, Горан Агелов, пак, за „Сакам да кажам“ уверува дека на Дрисла ниту имало, ниту има, ниту пак може да има радиоактивен отпад.
-Не може да има ниту опасен отпад. Да имаше, ние сите што работиме на депонијата ќе бевме мртви. Таков отпад не може да влезе во земјава, па тој треба да помине царина. Зар го фрлале со авиони на Дрисла? Градоначалникот Шилегов може да дојде на Дрисла и да се увери сам, пред да збори. Што се однесува за индициите дека има криминал и за тоа може слободно да провери – порача Ангелов.