Пратениците не гласаа за нов јавен обвинител, Џафери ја прекина расправата на самиот почеток

by fokus

Почна расправата во Собранието за именување на нов јавен обвинител откако владата го предложи Љубомир Јовески за наследник на Марко Зврлевски. По првиот говорник претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и рече дека за нејзино продолжување пратениците дополнително ќе бидат известени.

Денеска своето право на збор го искористи пратеникот, Илија Димовски, кој и порача на власта да не носи кадровски решенија без претходно да спроведе реформи во овој дел. Според него, јавниот обвинител треба да се избира во договор со опозицијата, односно опозицијата да го предложи.

За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не е спорен персоналниот предлог, туку начинот на избор. Бараат контролни механизми во именувањето на шеф на Основното јавно обвинителство.

Од понеделник ќе почне собраниската расправа за буџетот за 2018 година, а според Деловникот, кога е буџетот на дневен ред, Собранието не држи седници. Со тоа расправата за нов јавен обвинител ќе продолжи дури по донесување на буџетот. Процедурата, пак, за негово донесување трае околу едне месец.

Шеесет и тригодишниот Јовески повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2. Има работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во областа на извршување на кривичните санкции. Во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Поврзани новости