Шпански национален суд соопшти дека поведува истрага за „поттикнување на бунт“, за две лица на високи позиции во каталонската полиција и двајца лидери на прокаталонски групи за независност.
Судот соопшти дека четворицата ќе дадат искази в петок за нивната улога во демонстрациите на 21 и 22 септември во Барселона кога шпанската полиција уапси неколку лица од каталонските власти и упадна во канцеларии во обид да спречи одржување на референдумот за независност.
Меѓу четворицата е шефот на регионалната полиција (Мосос) Жозеп Луис Траперо.
Премиерот на Каталонија, Карлос Пучдмено, пак, во меѓу време изјави дека неговата Влада е спремна да прогласи независност на шпанскиот регион на крајот на неделава или почетокот на следната.
Во референдумот за независност што се одржа во неделата во Каталонија, федеративната полиција употреби прекумерна сила за да ги спречи граѓаните да го остварат своето право на глас. Гласачки места беа затварани, изборен материјал конфискуван, а гласачите буткани, исфрлани и тепани по улиците.
Но од друга страна, референдумот не се одржа според прописите, шпанската држава не го надгледуваше неговото организирање, пребројувањето не беше транспарентно, а гласањето не беше тајно.
Европскиот парламент на барање на левичарските партии денеска ќе дебатира за ситуацијата во Каталонија, но не и за насилството што го употреби полицијата врз граѓаните, каде беа повредени над 850 луѓе.