Пишува
Ненад ВЕЛИЧКОВИЌ
Странец на службен пат на кој обврските му оставаат само неколку часа за прошетка низ Скопје може многу лесно да стекне погрешен впечаток за главниот град на Македонија – на пример… дека тука кокаинот се користи како замена за шеќерот во прав. Така всушност изгледа центарот: како урбанистичка визија на некој „нафиксан“ архтект на кој мозокот му се претворил во пивтија!
И дека истиот сив желатин трепери и во главите на градската управа, инаку со таа визија би се занимавале психијатри, а не запрепастените граѓани и медиуми од целиот свет.
Македонија не е богата држава. Селата и градовите на нејзиниот исток буквално изумираат. На нејзиниот запад не е баш јасно каде е државната граница, иако на картите е прецизно нацртана, баш како што е меѓу Русија и Украина. Патиштата се лоши. Индустријата е на колена. Невработеноста е огромна (речиси 40 отсто, кај младите преку 50 отсто). И што демократски избраната власт нуди како решение? Вардарска верзија на ласвегашката архитектура и центар на градот претворен во музеј.
Странец стои на стариот Камен мост, се врти околу себе, и пее: Еве го Скопје, еве лудило. Додека се врти, околу него се вртат помпезни зданија, со столбови и куполи, слични на хипертрофираните вили на скороевиќите. Кога ќе запре, како стрелка на компасот во правец југозапад, пред него е Плоштадот и на среде плоштадот голем споменик на Александар Велики. Читателот кого го мрзи сега да бара по интернет галерии со слики на ова чудовиште, нека замисли еден џиновски дебел бетонски столб, и на него горе округла платформа, нешто налик на вентил на труба, или уште подобро, на хелиодром на кој наместо хеликоптер слетал коњаник висок 22 метри.
Тој клинолик постамент е втемелен во средината на кружна фонтана, во која прскаат млазеви вода од нејзината обиколка. Од време на време протекува вода и од млазниците во платформата, создавајќи околу целиот столб водена завеса, која ноќе, кога во платформата се пали лајт-шоу, ги менува боите во сладоледни нијанси. Неколку лавови со предните шепи се потпреле на крајот на фонтаната и гледаат во столбот пред себе, украсен со прстенести релјефи со антички мотиви.
Коњаникот на врвот е Александар Велики, во воена опрема, со високо подигнат меч. Годината е 2014, 21. век е, Македонија е воена лелесила, но ете со што нејзината власт одлучува мирољубиво да ѝ мафта на иднината – со сечиво. Ете зошто национализмот е болест, умствено пореметување, невроните се врзани во Гордиев јазол, прекин на комуникацијата меѓу мозокот и стварноста.
И само неизлечиво болен човек може да верува дека на овој карусел без автомобилчиња, коњчиња, кочии и еднорози, на кои би врискале веселите деца, вреди да се потрошат 10 милиони евра. А зошто? За македонската цврста шака да го истакне своето наследно право на пенисот на Александар Македонски, бранејќи се од приговорите за високата цена на таа мастурбација – со туризмот.
Туризмот е мантрата на сите балкански нацоши, тоа е најголемиот извор на приходи во иднината. Никој во неа нема да работи, освен можеби глупите Кинези кои ги ебе комунизмот, сите останата слободни мали народи ќе се бават со угостителство и туризам.
Овој век ќе го преживеат само градови со најдобра понуда за лајкување и за шерување.
А Скопје, веруваат директните потомци на Филип и на Олимпија, е на најдобар пат за себе да избори место рамо до рамо со Дизниленд.
Од таа нескротлива вера, насред градот никна триумфална порта, слична на онаа во Париз, но двојно пониска. Додека така мал стојам под неа, воодушевувајќи се на големината на лудилото, размислувам што сѐ останало македонската влада да изгради: Ајфелова кула, од барем 150 метри, или уште подобро, онаа кривата, од Пиза, како симбол на моралните вертикали на одговорните за проектот Скопје 2014. (За кој во 2010 вкупните трошоци биле проценете на 80 милиони евра; 2013 изнесуваа точно, според податоците на невладините организации, 207.872.492 евра, а до крајот би можело да ја надминат бројката од половина милијарда).
Ќе сака ли, осоколена со медиумското внимание, власта да се одлучи и за втората фаза, Скопје 2018, па градот да види, по оваа триумфалната, и бранденбуршка порта на спротивниот крај на градот, десетина метри висока, со двоколка на врвот, и со Александар на уздите; или на местото на оној часовник, запрен засекогаш со земјотресот во 5.17, да подигне некое Бинг-бенгче, чии сказалки би се вртеле наназад; а преку Вардар да се постави, веднаш до стариот мост, Голден Гејтче, прилагодено на широчината на реката.
Само што на Вардар, покрај стариот мост, нема веќе место за мостови, затоа што во 100 метри се изградени уште два, а меѓу нив, во коритото на реката, се ѕидаат и два бетонски едреници, во кои ќе биде галерија со изложба Ное Македонски.
Тие два моста, како прекопирани од Сена, се во самиот врв на македонската необарокна архитектура, како пресликани од кошмарите на Алберт Шпер. На мермерните огради се наденати статуи на значајни Македонци, во природна големина, по десетина од секоја страна. Работени се во стил на реал-симболизмот, писателите-статуи ги прегрнуваат книгите, диригентите ги стискаат палките, а светците држат бебиња-манастири. Над белината на мермерот нема ниту една жена. Жените во македонската историја, уметност и политика се поделени со нула.
Влезницата за храмот на македонската култура не е ниту памет ниту талент, туку пенисот, тнр. александар мали.
Како жените гледаат на тоа? Врискајќи. Имено, кога плимата на градителската инспирација во паркот наспроти Собранието ја нанесе позлатената статуа на голиот Прометеј, со огин во едната рака и со раскинати пранги на другата (по тоа се знаеше дека тој залижан „геј-френдли“ маж е славниот титан, а не статист од филм на Лени Рифенштал), наводно жените во златното мандало виделе најстрашна повреда на моралот, па уметникот под притисок на јавноста му искова на раскованиот Прометеј нешто слично на боксерки.
Оваа епизода, сама по себе анегдотална, ја открива органската поврзаност на црквениот морал и националната тупавост. Не се проблем 10 милиони евра за фалус од триесет метри насред главниот плоштад, туку непокриеното куре на позлатената статуа. Човек би морал да се ежи таму каде што вчудоневиденоста на скалата на доблестите е високо над разумот.
Но зошто да се кука, кога може да се лајкува. Никогаш не било како никако да не било, па пак ќе биде дека некако ќе биде. Супер е овој Дизниленд на Вардар. Супер е да се гледа како милионскиот град се претвора во Потемкиново село. Можеби, кога ќе се прочуе, ќе стане Мека на продавачите на бетонска галантерија, на градителите на оние силни лавови, лебеди и градинарски џуџиња изложени покрај банкините на балканските друмови, па сите тие ќе навалат наваму на скара и пиво (Скопско има микроклима), како верници по доза на самопочитување.
Ќе ја уживаат таа чест да ги служат високобразовани келнери, бидејќи за младите болоњски магистри и доктори тешко дека ќе има друга работа, освен можеби уште во полицијата. Ќе треба, имено, силна грижа за безбедноста на туристите и спомениците. Особено на спомениците. Затоа што кога на граѓаните на Скопје ќе им снема воздух како што им изчезна погледот, можеби ќе посакаат да ги срушат сите тие кулиси кои ги притискаат и ги гушат, како што по падот на ѕидот беше рушен Ленин насекаде по Источна Европа. Затоа, освен на развој на туризмот треба да се работи и на јакнење на безбедноста. Секогаш на Балканот ќе има деца кои се сомневаат во своето божествено потекло.
Ќе треба да се убие бога во тие неверници.
Текстот е преземен со дозвола од Deutsche Welle (линк до оригиналната статија).