Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која започнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата.
-До сега, стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци беа палени поради тоа што на земјоделцити не им беше понудена алтернатива за одлагање на отпадот од бербата, независно од тоа што палењето ја уништува плодноста на почвата и создава штетни материи кои го загадуваат воздухот и претставуваат опасност по здравјето на сите, а особено на оние што се во близина – кажа денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на прес-конференцијата за медиумите.
Палењето стрништа, плевели и други растителни отпадоци ја уништува и микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата – она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Исто така, нагласи Шилегов, палењето на стрништа и земјоделски површински во временски услови кога имаме високи температури, се фактор кој има голема улога во појавата на пожари, коишто покрај огромната штета што ја нанесуваат на земјоделските култури, преставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот.
– Во соработка со градските претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет, спроведуваме кампања за едукација од штетните последици од палењето на стрништата и за прв пат ќе им понудиме решение на земјоделците за бесплатно одлагање на отпадот од бербата. Во период до 30-ти септември Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош, бесплатно истиот да го отстраниме од полињата како би се спречило негово палење – рече Шилегов.
Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071/395-395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го одлага во Дрисла.
– Апелирам по пријавувањето, со цел брзо и ефикасно отстранување на отпадот, земјоделците да го одложат отпадот од бербата на локација што ќе биде пристапна за механизацијата. Сите земјоделци кои ќе се пријават однапред ќе знаат во кој ден од неделата ќе биде отстранет отпадот. Замолувам, доколку е возможно покрај податоците, да ни остават и точна локација (на вибер). Сакам да ги потсетам земјоделците дека палењето стрништа е казниво со закон. До сега ваквите палења не беа санкционирани поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за овој вид отпад. Сега нудиме решение кое ќе биде ефикасно, а најважно е тоа што нема да претставува дополнителен трошок за граѓаните – изјави Шилегов.
Тој укажа и дека Градот ќе врши засилени инспекциски контроли на терен и соодветно ќе биде санкционирано секое палење стрништа, плевели и на други растителни отпадоци.
Инспекторите на Град Скопје имаат можност да снимаат со дронови, што ќе го скрати времето наменето за обиколување на земјоделските површини, а ќе даде точна локација по имотен лист за имотот на кој се пали растителен отпад.