Шилегов ги одби за пиво моторџиите, но им договори работна средба за проблемот со паркирањето

by fokus

Од утре група составена од петмина претставници на моторџиите ќе почнат консултации со администрацијата на Град Скопје за решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат. На денешната средба градоначалникот Петре Шилегов не ја повлече идејата да им се наплаќа на моторџиите 5 до 7 денари од саат за паркирање на нивните мотори, но ја заврши средбата со заклучок дека ќе се разговара и за ова прашање и за другите прашања што тие ги отворија.

-Имаме проблеми, ајде да почнеме да ги решаваме работите заедно. Продолжуваме со консултации за да дојдеме до заедничко решение. Мора на Скопје да му дадеме шанса да биде регулиран град. Мислам дека е добро за сите да имаме определен начин на поведение – рече Шилегов.

Како што образложи тој, предлогот за наплаќање при паркирање мотор е се уште пред Управниот одбор на ЈП „Градски паркинг“. Должност е на Градот да им се даде можност, а не обврска, на оние кои сакаат да користат места за пакрирање.

-Прво градот да ни даде на нас нешто, да ни даде услови за да бидеме безбедни во сообраќајот, а после две до три години може и да се направи некој паркинг – рече еден моторџија.

– Паркинг не сакаме да се наплаќа и тоа е тоа. На паркинзите во Европа ти гарантираат за сигурноста на моторот. За тоа сме дојдени денеска. Кај нас гинат луѓе на улиците, паѓаат паркирани мотори, а еден паднат мотор нас не чини 200 евра. Одбележувањето на паркинг места за мотори не претставува проблем, проблем претставува дека треба да се наплаќа – рекоа моторџиите.

На тоа Шилегов одговори дека за пет денари на саат може да добијат гаранција за моторот, но тоа дополнително ќе се разгледува.

Шилегов ја одби на крајот поканата на моторџиите да оди со нив на пиво велејќи им дека нема време.

Поврзани новости