Под мотото „Вози велосипед за почист свет“ денеска се одржа големо велосипедско дефиле, на кое учество зедоа ученици од сите основни училишта од Бутел. Во велосипедското дефиле учествуваа и градоначалниците на Град Скопје и Општина Бутел, Петре Шилегов и Велимир Смилевски, а пред одржувањето на дефилето им се обратија на присутните.
Градоначалникот Шилегов во своето обраќање наведе дел од проектите коишто Градот Скопје ги реализира за подобрување на велосипедската инфраструктура, како и за општите бенефити од користењето на велосипедот како рекреативно и превозно средство.
,,Возењето велосипед освен што е здрава навика, ќе ни помогне многу и во намалувањето на сообраќајниот метеж кој станува реален проблем во градот. Но најважно од сѐ е тоа што ќе го намали и аерозагадувањето предизвикано од сообраќајот кој е еден од трите најголеми фактори на загадувањето покрај индустријата и загревањето на домаќинствата. Само така ќе успееме да постигнеме одржлива урбана мобилност во нашето Скопје и само така ќе фатиме чекор со модерните европски градови кои посветуваат сериозно внимание на оваа проблематика.
Во изминатите децении воопшто не е работено на велосипедската инфраструктура во северниот дел на градот и тоа е нешто што во изминатиов период работиме да го поправиме. На две од четирите градски улици во Бутел имаме велосипедски патеки, а работиме на велосипедски патеки на повеќе сообраќајници во должина од 2,5 километри во Чаир, за лани да изградиме над 14 километри велосипедски патеки, а ќе продолжиме со подобрување на оваа инфраструктура и во иднина”, кажа градоначалникот Шилегов.
Градоначалникот Шилегов во изминатиот период на социјалната мрежа фејсбук објавуваше фотографии како со електричен тротинет оди на работа.